Македонија
Мицкоски: Ќе го испитаме потеклото на имотот на сите политичари, ќе почнеме од мојот
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Маврово – Ростуше истакна дека претстојниот период е предизвикувачки и дека граѓаните треба да одлучат во каква држава сакаат да живеат – дали во понижена, ограбена и криминална или во земја каде што ќе се гради иднината на идните поколенија.
„Пред нас е исклучително предизвикувачки период. Најпрвин имаме 10-ина дена кампања што ни преостанаа и 2 дена молк до денот кога ќе треба да излеземе и да одлучиме во каква Македонија сакаме да живееме. Дали оваа Македонија, која е понижена, омаловажена, опљачкана, каде што граѓаните во сопствената држава се чувствуваат како граѓани од втор ред, каде што срамот, декаденцијата и поразите се секојдневие, или Македонија, која ќе биде татковина за сите, без разлика на нивната етничка, без разлика на нивната политичка припадност, верска определба или политичка неопределба. 15 јули е денот кога треба да ја избереме иднината за нашите деца, за поколенијата што ќе дојдат по нас, но истовремено ќе треба и да им го обелиме образот на нашите предци, кои животите ги дале за ова денеска што ние го живееме“, рече Мицкоски.
Тој рече дека политичарите, за да бидат пример, треба да почнат од себе и да ги почитуваат уставот и законите. Исто така, Мицкоски предочи дека мора да има силен правен систем, кој ќе го проверува потеклото на имот на политичарите и да се почне од него, па потоа на сите политичари, вклучително и Зоран Заев, и да се истражи како е возможно со политичка професија да се градат хациенди, станови и да се возат луксузни автомобили. Ќе провериме од прв до последен, посочи Мицкоски.
„За да биде подобра нашата држава, овој пат политичарите треба да почнат самите од себе. И, затоа, јас велам правда, почитување на законите, почитување на Уставот и тоа да биде безусловно. Затоа што, без правна држава, без да бидат почитувани законите, нема да има ниту добра економија, ниту добра здравствен систем, ниту добро земјоделство, ниту добро образование, нема ништо. Прв и основен столб денеска на една модерна современа држава е да има функционален правен систем. А за да има функционален правен систем, треба да почнеме од почеток. А јас велам, еве, почнете од мене, јас ќе бидам првиот доброволец што ќе се пријави во новата влада соодветна агенција да го провери неговиот имот и имотот на неговото семејство. На моето семејство, да провериме дали соодветствува со моите приходи, дали можеби нешто сум потскрил, дали имало нешто алашвериш. Ако има, подготвен сум да одговарам. Ама втор ќе биде Зоран Заев, па и неговото семејство ќе го провериме. Ќе ги провериме сите политичари, да видиме кој безмилосно го крадел сопствениот народ и кој се богател на маката на народот. Сите политичари да докажат од каде им е стекнат капиталот. Да видиме како е тоа возможно да се градат хациенди, станови, да се возат скапи возила, да се летува на јахти во монденски места. Сè ќе провериме од првото до последното“, појасни Мицкоски.
Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ со своите експерти и во соработка со граѓаните и нивните идеи има програма кога нуди 1.000 проекти, кои ветуваат 25 остсо просечни плати, 20 отсто поголеми пензии во еден мандат, 640 милиони субвенции за земјоделците, унапредено образование со најмалку еден универзитет во првите 1.000 на Шангајската листа, најнизок данок од 8 отсто, 1.000 км нови патишта итн.. Мицкоски увери дека во обновата има политики и проекти буквално за секој граѓанин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

