Македонија
Мицкоски ќе пресметува колку пари се потрошени во историската комисија: „Ќе дојде ОБСЕ, ама ќе дојдат и истражители и инспекции“
Првиот човек на Владата, Христијан Мицкоски, соопшти дека се потрошени стотици илјади евра народни пари за историската комисија со Бугарија. Според премиерот, тие средства биле потрошени на ништо, а резултатот е капитулација прифаќајки го она што веќе го прифатиле експремиерот Димитар Ковачевски и ексминистерот Бујар Османи.
Во врска со апелот на поранешните членови на комисијата за вклучување експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ, Мицкоски рече дека нема ништо против, но ќе се вклучат и инспекциските органи и истражителите за да видат каде се трошеле парите.
„Нека се вклучи ОБСЕ, но ќе се вклучат и инспекциските и истражните органи да видиме каде се трошеа парите, колкави им се хонорарите на оние што направија ништо изминативе години, односно го засрамија народот во Македонија и ги продадоа македонските интереси“, рече Мицкоски.
Прашан што очекува од посетата на македонската делегација во Софија, Мицкоски рече дека нема дилема во намерата на Владата да гради добрососедски односи.
„Нашето мото е дека туѓото не го сакаме, своето не го даваме, а градењето добрососедски односи е европска вредност. Имаме позиции за нашите интереси и ќе се бориме за нив како држава“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на настан по повод отворањето спортски комплекс во Бутел.
Поранешни членови на македонскиот тим од заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија преку писмо ги коментираа последните случувања и промени во составот на комисијата.
Во ставот се наведува дека историската комисија била злоупотребена за партиски цели и интереси во двете земји.
„Во минатото комисијата беше постојана цел на политички мотивирани напади од многубројни медиуми и политички партии и нејзината работа беше искористена за остварување политички цели. Тие напади продолжија до денес, а минатите неколку недели бевме сведоци на неаргументирани, обвинувачки и навредливи изјави на премиерот за работата на поранешните членови на Комисијата, со кои тој ги дели граѓаните на заштитници и незаштитници на националните интереси во согласност со неговите лични погледи“, се вели, меѓу другото, во ставот.
Владата на седница направи измени во составот на комисијата откако Мицкоски во неколку наврати рече дека веќе поранешните членови од македонската страна не ги оправдале очекувањата и не ги штителе националните интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

