Македонија
Мицкоски ѝ заблагодари на Унгарија за помошта: „Пријателите се познаваат во тешките моменти“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку социјалните мрежи упати благодарност до унгарската влада за помошта од 100.000 маски и 5.000 заштитни скафандери кои денеска пристигнаа во земјава.
„Сакам да испратам посебна благодарност до унгарската влада која во овие тешки моменти за сите одвои средства и испрати помош за македонските граѓани. Денеска пристигнува унгарскиот министер за надворешни работи и голем пријател на Македонија, Петер Сијарто, заедно со пакети помош составена од маски и медицински заштитни одела за луѓето во првата линија во борба против пандемијата. Благодарност до премиерот Виктор Орбан и до целата влада од која минатата недела побарав, а денес испорача помош значајна за нашите луѓе кои се борат да спасат животи“, напиша Мицкоски.
Тој наведе дека во услови на затворени граници, ова ќе биде прва официјална посета на земја членка на ЕУ во овие кризни времиња.
„Пријателите се познаваат во тешките моменти. Истовремено ќе продолжам да лобирам, остварувам контакти и во рамките на можностите да барам помош за нашата земја. Благодарност и до вистинските херои кои се борат на дневна основа за нашето заедничко здравје. Сакам да соопштам дека многу брзо ќе поднесеме и уредба до владата за парична награда за оние кои се вклучени во заштитата на здравјето и борбата против короната. Потребна е поддршка и заедничка грижа за хероите. Се надевам дека целата влада ќе ја поддржат иницијативата, но уште поважно, така заеднички ќе испратиме благодарност до оние кои се вложуваат себеси, за сите нас“, напиша Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

