Македонија
Мијалков до Мицкоски: Ниедно претходно раководство на ВМРО не доживеало ваков срам на меѓународна сцена
Поранешниот член на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, кој неодамна беше исклучен од партијата, повторно упати отворено писмо до лидерот на партијата, Христијан Мицкоски. Во него тој наведува дека ниту едно претходно раководство на ВМРО не доживеало ваков срам на меѓународната сцена од сестринските партии.
Во продолжение интегрално го пренесуваме отвореното писмо:
Христијан,
Ниедно претходно раководство на ВМРО не доживеало ваков срам на меѓународна сцена од сестринските партии кои се дел од Европската народна партија, а се надевам дека нема ни да доживее во иднина.
Се надевам и посакувам во иднина секој прв човек на ВМРО дека ќе биде фактор кој ќе биде прашан околу тоа дали ќе има една или две партиски делегации и кој ќе биде во тие делегации. Ти не си фактор и наместо да ја обединиш и зацврснеш партијата, ти ја слабееш и ја делиш.
За тоа си крив ти, твоето лицемерие, лажниот патриотизам и твојата незаинтересираност за иднината на Македонија.
Во иста вечер јавно да те бламираат и да ти пишуваат пораки на социјалните мрежи и Дорис Пак и Јоханес Хан не говори ништо друго, освен што покажува дека и тие ги прочитале твоите лаги и не ти веруваат. Одлучиле да ти твитнат за да не ти текне да си пренесеш само тоа што ти одговара и да лажеш дека имаш поддршка за штетата што ја предизвикуваш и по Македонија и по ВМРО.
Така е тоа Христијане кога играш дупло. Така е тоа Христијане со искусни политичари кои знаат дека твои советници од доверба шетаат по Скопје и зборуваат “а да си побаравме ние друг партнер, на исток”.
Јасно е зошто партијата не праќа соопштение за средбата со Дорис Пак и Јоханес Хан.
Во иста вечер претседателката на асоцијацијата на жени во рамки на ЕНП, Дорис Пак да ти каже дека твојот лажен патриотизам е неприфатлив за Европа, а од друга страна Еврокомесарот Јоханес Хан да ги нотира твоите заложби да не го опструираш процесот во парламентот е бламажа од светски, а не само од европски рамки.
А, што правиш ти Христијане ? Праќаш банални соопштенија, додека луѓево со кои што се среќаваат твоите соработници организираат протести пред домовите на пратениците.
Биди еднаш искрен и признај и пред членството и пред граѓаните, какви се тие твои заложби за конструктивност кои му ги вети на Хан ? Дали Хан лаже за твоите заложби ? Дали му кажа на Хан дека Македонија ти е пред се и дека ти ќе го спречиш договорот без тазлика на цената ? Дали му кажа дека и да не успееш сега да го спречиш, доколку дојдеш на власт нема да го реализираш тоа што ќе зависи од тебе ?
Нели Христијане клечеше, се крстеше и се колнеше во Македонија? Која е сега таа конструктивност која што СЕГА ти стана повредна од Македонија ? Има ли твојата “борба за Македонија” цена и која е таа ? Дали ќе организираш протести и дали во Собранието ќе ги искористиш сите средства за да го блокираш договорот од Преспа, а такви средства имаш многу ?
Ќе предложиш ли Христијане неколку илјади амандмани или ќе ти бидат виновни други пратеници кои не биле доволно ангажирани ? Ќе организираш ли секојдневни протести пред Собрание за да покажеш колкава поддршка имаш од народот или ќе ги обвиниш структурите дека биле пасивни ? Ќе сториш ли нешто или ќе се правдаш како имало нова реалност, а ти кутриот не си моќен да преземеш ништо ?
Ти кажав и пак ќе ти кажам, тоа што го правиш не е чесно и не доликува на човек што треба да го води ВМРО. Сакаш да дојдеш на власт ама ти да си патриотот, а другите да се предавници. Сакаш да газиш преку туѓи животи. Кукавички и ниско од некој што треба да води организација како ВМРО.
Прочитан си Христијане дека играш двојно со нашето членство и целиот народ. Извини се на членството за двојните игри и лицемерито. Извини се и на граѓаните на Македонија што ги лажеше дека ти ќе си го бранел името до крај.
Христијан,
Подолг стаж во ВМРО имам и од тебе и од твоите соработници. Овие писма до тебе имаат само една цел, а тоа е да го спасиме и направиме посилно ВМРО. Ти не си ВМРО. ВМРО е над тебе. Ти си времено на функција во ВМРО. Доколку ВМРО загуби на претстојните избори затоа што е изолирано, тоа ќе биде само заради тоа што немаш капацитет. Крајно време е да размислиш и одлучиш, за вракање на прозападниот курс, зацртан во трајните определби на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

