Македонија
МНР вработува млади дипломати
Министерството за надворешни работи на Република Македонија најави дека до крајот на годинава ќе бидат објавени огласи за вработување млади дипломати и помошно-стручни службеници.
„Еден од главните приоритети и заложби на Министерството, како и на министерот Никола Димитров, е развивање компетентна, квалитетна и професионална дипломатија, подготвена да одговара на современите предизвици и суштински да придонесува кон исполнување на стратешките цели на Република Македонија. Во тој правец клучна е објективна селекција на високоперспективни млади кадри, кои постепено ќе ги развиваат неопходните дипломатски вештини придонесувајќи на тој начин кон успешна афирмација на Република Македонија“, велат од МНР.
Од таму додаваат дека за конкретните постапки и претстојни фази во процесот на селекција на кандидатите, кои ќе се спроведуваат на почетокот од наредната година, јавноста ќе биде навремено и прецизно известувана.
Со цел навремена подготовка на заинтересираните кандидати, МНР напоменува дека иницијално потребни документи при пријавувањето на огласот за вработување на млади дипломати се:
– доказ за државјанство на Република Македонија – (уверение за државјанство);
– доказ за општа здравствена способност за работното место – (лекарско уверение за вработување);
– дипломите од последниот степен на образование, претходни степени на образование (сведителства од средно образование од сите години), дипломи од магистратура или докторат и сл., како и документот за нострификација и еквиваленција за оние кандидати што своето образование го завршиле во странство;
– изјава заверена на нотар дека не е член на орган на политичка партија на републичко ниво;
– потврда дека со правосилна судска пресуда не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност;
– меѓународно признат сертификат за познавање еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски);
– потврда за работа со програми за канцелариско работење;
– други форми на стручно образование, дипломи или сертификати, разни препораки, потврди за волонтерски стаж, изјави или други документи што ги поседувате и кои се од интерес за работното место.
Прецизирање на потребните документи ќе следува во огласот за вработување. Условите за вработување на помошно-стручни службеници се поинакви и ќе бидат дополнително објавени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

