Македонија
МНР: Ги преземаме сите неопходни активности за доизградба на коридорите 8 и 10
Република Северна Македонија е силно посветена на остварување на поставените цели во рамките на НАТО и на создавање регионална инфраструктура како дел од Европската мрежа на коридорите, кои имаат цел да го засилат економското влијание и да ги олеснат трговијата и транспортот во регионот, велат од МНР.
„Земјаќи ја предвид геополитичката позиција на транспортните коридори 8 и 10, Република Северна Македонија ги презема сите неопходни активности за нивна доизградба и модернизација.
Во делот на патната инфраструктура оваа година се завршува изградбата на експресниот пат од Куманово до Крива Паланка и преку завршената рехабилитација на патниот правец од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, што претставува вкупна инвестиција од 105 милиони евра, со што ќе се создаде ново модерно патно решение, кое значително ќе влијае врз размената на добра и услуги, како и на зголемување на економската соработка меѓу двете земји.
Воедно, потсетуваме дека претходно целосно ја рехабилитиравме автопатската делница Скопје – Куманово и со овие инвестиции го намаливме времетратењето на патување на релација Скопје – Софија на помалку од 2 часа и 30 минути.
Во однос на железничкиот Коридор 8, Република Северна Македонија е свесна за геостратешкото значење на овој патен коридор и како земја реализира многубројни активности за регионално поврзување и завршување на оската Запад – Исток.
Во овој контекст нагласуваме дека во фаза на реализација е изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, што претставува инвестиција од 40 милиони евра. Воедно, истакнуваме дека во фаза на реализација е и изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, што е инвестиција вредна 155 милиони евра. Дополнително, во фаза сме на тендерска постапка за избор на изведувач за изградба на последната делница од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, пруга што завршува во претпоставен тунел.
Исто така, Република Северна Македонија ги презеде и ги исполни сите обврски од билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало, како и инфраструктурата до граничниот премин.
Имајќи го предвид горенаведеното, уште еднаш нагласуваме дека Република Северна Македонија ги презеде сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално-инфраструктурни проекти, кои се од споделено стратешко значење за земјата, регионот и Европската Унија.
Во таа смисла истакнуваме дека со цел успешна реализација на ваквите проекти, особено значајно е да постои целосна подготвеност за соработка и од страна на Република Бугарија. Во оваа пригода искрено очекуваме Република Бугарија да ги преземе сите неопходни активности во насока на унапредување на инфраструктурата на Коридорот 8, како и да ги исполни обврските што произлегуваат од билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало.
Изградбата на патната и железничката инфраструтруктура во регионални рамки ќе биде успешно реализирана само ако сите земји по должината на Коридорот 8 континуирано преземаат заеднички активности за нивен развој и модернизација. Тоа е наша долготрајна заложба, на која посветено работиме и очекуваме еднаков степен на соработка и конструктивност и од другите инволвирани страни во овој процес“, велат од МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

