Македонија
МНР: Проектот МКАРТА се проширува со нови 68 претставници на дијаспоратa
Две години по иницијалното промовирање од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи, листата на носители на МКАРТА се проширува со вкупно 68 претставници на дијаспората по потекло од Република Северна Македонија.
Министерството за надворешни работи во мај оваа година упати јавен повик за пренесување на интересот за вклучување во проектот МКАРТА до целата дијаспората, а меѓу новите имиња вклучени во проектот има научници и истражувачи, универзитетски професори, аналитичари во различни области, главни уредници на изданија на нашата дијаспора, лекари-специјалисти, директори на врвни клиники, уметници, бизнисмени, директори во врвни светски компании, спортски тренер, врвен светски гастроном, млад книжевник и многу други.
Проектот МКАРТА, како што велат од МНР, е замислен како мрежа на истакнати поединци на дијаспората во странство, кои со својот ангажман и континуирани напори дале значаен придонес во унапредувањето на пријателството, партнерството и блиската соработка помеѓу Северна Македонија и новите средини во кои живеат, дале придонес во унапредувањето на односот и соработката на нашата држава со дијаспората, како и покажале исклучителен успех на професионален план.
-Покрај симболичното признавање на нивниот исклучителен труд, со проектот се зацврстува врската на овие истакнати личности со државата и отвора можности за засилена соработка и нивна институционализирана проактивна улога во Северна Македонија, потенцираат од МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.
Македонија
Министерот Минчев со честитка за христијанскиот празник Богојавление – Водици
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
„Во мое лично име и во име на Министерството за јавна администрација, Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Нека овој празник донесе мир, здравје и благосостојба во Вашите домови и биде поттик за заедништво, солидарност и меѓусебно почитување.
Во духот на празникот, со заедничка посветеност, да продолжиме да придонесуваме кон унапредување на јавната администрација, во интерес на сите граѓани“, пишува во честитката.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство и до православните верници.
„Почитуван г. г. Стефан, Чест и задоволство ми е Вам, лично, и на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Посакувам празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот.
Верувам дека осветувањето на македонските води ќе ни помогне да ги надраснеме малодушноста и летаргијата, и ќе нè инспирира на добродетелство и на грижа за блиските и за заедницата.
Само со благост, внимание, солидарност и емпатија можеме да го разбудиме божественото во себе, покажувајќи ја вистинската човекова природа.
Свесни дека човештвото е соочено со длабока криза и со тешки искушенија, мора да почнеме да се менуваме себеси, ако сакаме да го промениме општеството. Само морални и мудри индивидуи создаваат силни заедници чии напредок и благосостојба никогаш не се на сметка на туѓата болка и страдање.
Да се радуваме што постоиме, да го цениме и да го почитуваме она што го имаме, материјалните и духовните богатства да ги споделиме со другите. Сплотени да се обидеме да придонесеме за среќна и пристојна сегашност, и благословена и просперитетна иднина.
Бог се јави!“, пишува во честитката на Гордана Сиљановска-Давкова.

