Македонија
МНР ќе одлучува дали има оправдани причини антикорупционерите да добијат дипломатски пасоши
Веста дека претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, добила дипломатски пасош, а останатите членови исто така поднеле барање, оти многу патувале, трет ден ја бранува македонската јавност.
Според МНР, членовите на Антикорупциска не влегуваат во категоријата на лица кои имаат задолжително право на дипломатски патни исправи.
„Во текот на месец април од страна на Државната комисија за спречување корупција до Министерството за надворешни работи доставено е барање за издавање на седум дипломатски пасоши за Претседателот и членовите на Комисијата. Членовите на оваа Комисија не влегуваат во категоријата на лица кои согласно со актите кои го регулираат ова прашање имаат задолжително право на дипломатски патни исправи, но истовремено, на одредени категории, доколку Министерот процени дека има потреба, Министерството за надворешни работи има право да издаде дипломатска патна исправа На предметното барање од страна на тогашниот Министер за надворешни работи, позитивно е одговорено само за едно лице, односно за Претседателот на ДКСК. Во однос на останатите членови на ДКСК Министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе направи дополнителни консултации со цел да биде донесена соодветна одлука, односно дали постојат оправдани причини и тие евентуално да добијат дипломатски или службени патни исправи“, велат од Министерството за надворешни работи и трговија.
Од Антикорупциска, пак, велат дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право.
„Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска како и членовите на новиот состав на ДКСК Цвета Ристовска, Софија Спасова Медарска, Бесник Џемаиљи, Билјана Каракашова Шулев, Сервет Демири и Зоран Богоевски, се избрани едногласно од страна на Собранието на Република Северна Македонија, каде што имаат дадено и свечена изјава на почетокот на нивниот мандат дека функцијата ќе ја извршуваат одговорно и професионално. Дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на ДКСК и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цели. Ова право не си го доделува самата ДКСК туку законот кој го донел парламентот и министерот кој е овластен со процедура според законот. За да нема дилеми во јавноста и поради крајна транспарентност го повикуваме и новиот министер за надворешни работи да ја преиспита одлуката за дипломатските пасоши на ДКСК, а исто така и пратениците самиот закон доколку сметаат дека има потреба од тоа“, потенцираат од комисијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

