Македонија
Могерини: Цврсто стојам на ставот дека Северна Македонија треба да добие датум во јуни или јули

Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, денеска од Брисел порача дека останува цврсто на ставот оти Северна Македонија треба заедно со Албанија да добие датум за почнување на преговорите во периодот јуни-јули.
Како што рече таа, ова ќе им го препорача на сите министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во текот на наредната недела.
„Република Северна Македонија е единствена во регионот што ги има затворено сите прашања со соседите, во која функционираат институциите и во која постои определба и волја и во која се работи на исполнување на реформските процеси“, посочи високата претставничка на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од утре секој ден по 15 часот ќе има блокади во Скопје за загинатите во дискотеката „Пулс“

Од утре, ќе има мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мостот на улицата „Стево Теодосиевски“. Блокадите ќе траат по еден час секој ден, во периодот од 15:15 до 16:15 часот, се додека не започне судењето.
Ова го најавија родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 март, од 26. „Марш за ангелите“ одржан денеска пред Основниот суд во Кочани, испровоцирани од тоа што, според нив, адвокати на осомничените изјавиле дека судењето ќе трае 10 до 15 години.
– Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите во трагедијата. Таквите зборови звучат како обид да се подготви јавноста за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме, рече мајка на загинато девоче пред новинарите.
Родителите на настраданите бараат да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Исто така, нагласија, рочиштата мораат да добијат приоритет и постојано темпо, со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Тие се сомневаат во манипулации или скриено забавување на судскиот процес, бараат јавно и транспарентно следење на сите процесни активности.
-Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, порачаа членови на семејства што загубија свои блиски во мартовскиот пожар во „Пулс“.
Денешниот 26-ти „Марш за ангелите“ во Кочани, вообичаено започна од „Паркот на Револуцијата“ каде и заврши. Попатно, петнаесетина минути беше блокиран сообраќајот на кружниот тек пред двојниот мост, токму на местото каде што од утре па натаму се најавуваат јавни собири и блокади.
Македонија
Жените од бизнис-секторот го поканија Орце Ѓорѓиевски на ручек

Актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода, претседател на ЗЕЛС и кандидат за прв човек на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски присуствувал на ручек со жени од бизнис-секторот.
Тој на Фејсбук објави дека на покана од мрежата „Јас сум жена“ денеска, заедно со неговата сопруга, бил на собир со жени претприемачи, универзитетски професорки, директорки , како што наведе:„силни, самостојни и успешни жени кои го движат Скопје и ја градат посилната Македонија“.
– Разговаравме искрено за предизвиците и за идеите што можат да го унапредат нашиот град. Едно е јасно – Скопје мора повторно да стане отворен град, град во кој комуникацијата со граѓаните и деловниот сектор ќе биде жива, достапна и продуктивна. Им благодарам од срце за силната поддршка која ми ја даваат, за инспирацијата и енергијата што ја носат, напиша Ѓорѓиевски на социјалната мрежа.
Македонија
Шукова: Приоритет ќе биде имплементацијата на БРТ-системот, за што веќе постои проект

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, истакна дека во рамки на нејзината програма, приоритет ќе има имплементацијата на БРТ-системот, за што веќе постојат готов проект, документација и обезбедени финансиски средства, се наведува во денешното соопштение на партијата.
– Првата БРТ-линија ќе се протега од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, во должина од 13 километри. Ќе има 21 нова постојка и околу 30 нови автобуси што ќе сообраќаат на секои 5 до 6 минути и ќе можат да превезуваат до 65.000 патници дневно, се наведува во писмената изјава на Шукова.
Таа додава дека линијата може да биде завршена до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година, со што Скопје ќе добие модерен, еколошки и ефикасен систем на јавен превоз.
Паралелно со првата линија, како што се потенцира, ќе се изработува и ново решение за север-југ траса, со што ќе се поврзат сите делови на градот.
– Со двете линии ќе добиеме брз, чист и функционален јавен превоз. Предвидена е и набавка на нови еколошки автобуси, по можност на гас, како и изградба на нови пешачки и велосипедски патеки, најавува Шукова, додавајќи дека овие активности се дел од планот за Скопје како зелен и модерен европски град.
Според Шукова, нејзината програма се издвојува по тоа што нуди реални и веднаш спроведливи решенија за клучните проблеми со што се соочува главниот град.
– Во програмата предвидуваме краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки, затоа што на Скопје му е потребен континуитет и враќање на изгубените функции, истакнува Шукова.
Таа посочува дека меѓу брзите и реални мерки се бесплатните услуги за чистење оџаци за домаќинствата, со што ќе се намали загадувањето на воздухот.
– Граѓаните денес не добиваат соодветна услуга за она што го плаќаат, нема редовно собирање отпад, има проблеми со водоснабдувањето и канализацијата, а пречистителната станица доцни повеќе од две години. Заради неисполнување на обврските, државата веќе 15 месеци плаќа над 100 илјади евра месечно камати кон изведувачите, се додава во соопштението.
Шукова нагласува дека целта на нејзината програма е брзо враќање на функционалноста на системите и подобрување на услугите за граѓаните, за тие повторно да добијат ефикасен и современ градски сервис.