Македонија
Момировски ги информира претставниците на ОБСЕ за аферата „Големото око“
Горан Момировски од тимот на кандидатката за претседател Гордана Сиљановска-Давкова ги информирал претставниците на ОБСЕ-ОДИХР, набљудувачката мисија на ОБСЕ за аферата „Големото око“.
Од пред канцелариите на ОБСЕ, тој рече дека аферата „Големото око“ можела да запре веднаш пред четири дена кога тимот на Гордана Сиљановска-Давкова ги објавил индициите за сериозен криминал од страна на СДСМ, односно дека се прибираат информации, лични податоци на граѓани и се складираат на серверот на владејачката партија.
„Премиерот Зоран Заев вчера потврди дека постои апликација. Тој тврди дека се работи само за избирачкиот список што го имаат политичките партии, меѓутоа ние до сега не видовме никаква проверка од страна на надлежните институции што точно има на серверот на СДСМ, какви податоци се складирани и главното прашање е дали во копијата од избирачкиот список што го има социјалдемократскиот сојуз се наоѓаат и матичните броеви на сите македонски гласачи? За жал, Јавното обвинителство, коешто вчера почна некакви истражни дејствија, не направи напор веднаш по нашите укажувања да го одземе серверот од СДСМ за да се провери што се случува и што има на него“, рече Момировски.
Ние, за жал, како што додаде, повторно ќе речам преку социјалните мрежи вчера и завчера во живо практично следиме како се блокира серверот на СДСМ, како се апдејтира апликацијата и дека серверот во одредени моменти не работеше, за сега повторно да проработи.
„Се сомневаме дека дел од хард-дисковите се веќе избришани или, пак, променети, и главната информација што ја дознавме вчера преку социјалните мрежи е дека кодот со којшто претходно се означуваше единствениот матичен број на граѓаните сега е заменет со други бројка и буква што укажува на тоа дека индициите дека сепак СДСМ ги прибирала матичните броеви на граѓаните се точни“, додаде Момировски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.

