Македонија
МОН и УНИЦЕФ заеднички ќе работат на подигнување на безбедноста во училиштата и намалување на врсничкото насилство
Спречувањето на сите форми на насилно однесување, обуки за стручните служби во сите основни и средни училишта, како и подобрување на здравјето и добросостојбата на учениците, беа дел од темите за кои се разговараше на денешната работна средба помеѓу претставници од МОН, УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието со тим од професионалци и експерти за ментално здравје.
Резултат од средбата на која присуствуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ДиЏовани е постигнатата согласност за заедничка координација и искористување на расположливите ресурси во облик на прирачници и обучен кадар при креирање на краткорочни и среднорочни активности за враќање на довербата и чувството на безбедност во училиштата.
Шаќири ги информираше присутните дека МОН спроведува активности за поттикнување на отворен разговор и вклучување на што повеќе чинители кои ќе дадат придонес во креиањето позитивна клима во училиштата. Тој изрази благодарност до УНИЦЕФ за досегашното партнерство и за поддршката која ќе следи во наредниот период, а особено за учеството во спроведување на обуките за стручните служби во сите училишта, за родителите и учениците, сè со единствена цел учениците и вработените во училиштата да се чувствуваат сигурни и безбедни во образовните институции.
Околу 700 стручни соработници – професионалци за ментално здравје од сите основни и средни училишта – во текот на 2022 и 2023 година беа обучени за новата Програма за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини, и истите се дел од заедниците за размена и колегијална поддршка. Оваа мрежа на стручни соработници, всушност ќе преземе водечка улога на ниво на училиште во спроведување на активностите за унапредување на социо-емоционални компетенции и зајакнување на психолошката отпорност кај учениците и возрасните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Јакимовски: Ако победев на изборите немаше да броиме 100 дена, туку завршени проекти
Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, објави видео на Фејсбук во кое вели дека доколку победел на локалните избори, немало да брои 100 дена, туку завршени проекти.
„Ако победев на локалните избори, денес немаше да броиме 100 дена. Ќе броевме завршени проекти. Градинката „Мајски Цвет“ во Тафталиџе 1 веќе ќе беше вселена. „Пролет“ кај Канела ќе беше во завршна фаза – а децата на 1 мај ќе влегуваа во нов простор, не во ветувања. Спортската сала во ООУ „Димов Хаџи Димов“? На 8 март ќе сечевме лента. Улиците Петар Чаулев, Козле 3, Софиска, Џумајска, Јуриј Гагарин, Загребска, Атинска, Бранислав Нушиќ, Трифун Бузев – ќе беа завршени. Канализациите во Бардовци и на Ловќенска ќе беа решени. Потпорниот ѕид на Загребска ќе беше безбеден, а не тема за оправдувања. Проектите за катни гаражи во Карпош 1 и Карпош 2 ќе беа готови, со распишани тендери“, вели Јакимовски.
Додава дека не е прашањето во деновите, туку прашањето е во посветеноста.
„Кој знае – прави. Кој не знае – брои. А денот се познава по утрото. Како што почнаа овие 100 дена – така ќе изгледаат и следните 1.000“, вели Јакимовски.
Македонија
Стојаноски за платите на функционерите: се намалуваат за над 10.000 денари, законското решение е согласно Устав
„Поднесовме предлог на измена на шест закони, со овој пакет на закони се опфаќаат Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на судскиот Совет, со коешто се воспоставуваат реални висини на плати“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието.
Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Устав и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.
„Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот, и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд“, рече Стојаноски и додаде:
„Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец. За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари“.
Македонија
Бесплатен логопед за децата од Општина Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска потпиша меморандум за соработка со здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“, со што се овозможува индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост.
Со ова, децата од Аеродром добиваат бесплатен пристап до стручна логопедска поддршка, рано препознавање на развојните предизвици и навремена интервенција — важен чекор за нивниот правилен развој, сигурност и самодоверба.
Услугата ќе биде бесплатна за лицата што ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
„Обезбедуваме и поддршка за родителите преку советување и насоки, со цел секое семејство полесно да стигне до потребната стручна помош без дополнителни финансиски оптоварувања“, вели Митевски.
фото/Depositphotos

