Македонија
МОН, коморите и општините почнуваат со утврдување потреби за одредени стручни профили
Бизнис-заедницата ја знае важноста на континуираното стекнување нови знаења и нивно преточување во конкурентна предност. Создавањето квалификувана работна сила е истовремено и највисок државен интерес затоа што човечкиот капитал е во основа на општествено-економскиот развој.
Гледано од оваа перспектива, дијалогот меѓу централната власт, локалните самоуправи и компаниите, што ќе се одвива во следните 20-ина дена во сите региони во државата, верувам дека ќе резултира со прецизно утврдување на реалните потреби за одредени стручни профили што ќе ги отвориме во средните стручни училишта во учебната 2022/2023 година. Ова го рече министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на денешната средба со претставници на коморите и бизнисот во главниот град.
„Среќен сум што во процесот на обезбедување квалификуван стручен кадар, баран на пазарот на труд, Министерството за образование и наука не е само, туку има безрезервна поддршка од швајцарската амбасада, Платформата за јавен-приватен дијалог, во која се артикулирани интересите на четирите најголеми стопански комори, а тука се и компаниите и локалните самоуправи. Заеднички и одговорно го приспособуваме образованието на современите потреби на пазарот на труд и ги враќаме атрактивноста и вредноста на средното стручно образование“, изјави министерот Шаќири.
Министерот нагласи дека пред почетокот на социјалниот дијалог, на прашалникот за заинтересираноста на компаниите да учествуваат во креирањето на дуалните паралеки за учебната 2022/23 година одговориле приближно 400 од нив, а дури 90 % од компаниите изразиле подготвеност да примаат ученици на пракса кај нив.
„На денешната средба во Скопје ќе ги чуеме барањата на компаниите за струките што им се потребни и ќе ги утврдиме можностите за нивно воспоставување од идната учебна година во средните стручни училишта. Наша цел е што поголем број компании да се вклучат во дуалното образование, кое преку практична работа ги подготвува средношколците директно да се вклучат во работа во позната работна средина. Освен зголемување на вработливоста на младите, средното стручно образование е проодно и кон високото образование“, укажа министерот.
Ова е втора година МОН да иницира дијалог на локално ниво, насочен кон унапредување на средното стручно образование. Во учебната 2021/2022 година бројот на дуални паралелки од 11 се зголеми на 97, со вклучени над 200 компании. Во дуални паралелки се запишаа 1.400 ученици, а збирно во средно техничко образование се запишаа 6 % повеќе ученици во однос на минатата учебна година. МОН како дополнителен стимул за учениците запишани во дуалните паралелки во средните училишта утврди месечна стипендија во висина од 3.500 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.
Македонија
Обновата на А-интегрираната дозвола за „ТИТАН Усје“ отвора простор за граѓански услови, велат од „Стоп за Усје“
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ја информира јавноста дека започнува процесот на обнова на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата ТИТАН Усје и ги повика граѓаните и стручната јавност активно да се вклучат во јавната расправа.
Во соопштението испратено до медиумите, иницијативата наведува дека работата на цементарницата е регулирана со А-интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а рокот до кој компанијата треба да поднесе барање за обнова на дозволата за наредните седум години е 12 март 2026 година.
„Стоп за Усје“ смета дека токму во овој процес треба да се вградат нивните барања во новата дозвола, со цел, како што наведуваат, да се обезбеди поголема заштита на здравјето и животната средина во Скопје.
Од иницијативата посочуваат дека во моментов компанијата врши мерења и јавно објавува податоци само за две од вкупно 12 емисиони точки, што, според нив, не дава целосна слика за загадувањето.
Тие информираат дека по објавувањето на барањето за обнова на дозволата, МЖСПП, Град Скопје и ТИТАН Усје се законски обврзани да организираат јавна расправа, во рамки на која граѓаните ќе можат да дадат свои предлози и забелешки.
Според соопштението, во процесот на јавна расправа може да се влијае врз условите што ќе бидат вклучени во новата дозвола, како што се примената на најдобри достапни техники и технологии (BAT), видот на филтри, граничните вредности на емисии, параметрите што ќе се мерат, фреквенцијата на мерења и начинот на јавно објавување на резултатите.
Од „Стоп за Усје“ наведуваат дека МЖСПП има законска обврска јавно да соопшти кои предлози од јавната расправа ги прифаќа, а кои ги одбива.
„Ова е уште една причина зошто секој граѓанин, а особено еколошките експерти, професори, здруженија и активисти, мора активно да се вклучат во процесот на измени на А-интегрираната еколошка дозвола. Доколку и самото ТИТАН Усје кое тврди дека не е загадувач, туку дека одговорноста е кај граѓаните, има можност доброволно да ги прифати сите предлози што одат во насока на почиста животна средина и целосна транспарентност“, се додава.

