Македонија
МОН: Поддршка од академици, професори, граѓански организации, наставници на јавната расправа за образовните реформи
Академици, универзитетски професори, претставници од Институти, наставници, директори и претставници на граѓански организации дадоа силна поддршка на новата концепција за основно образование на јавната расправа што се одржа во Собранието, соопшти МОН.
Петар Тодоров од Институтот за национална историја на дебатата даде поддршка на концепцијата и го отвори прашањето зошто учиме историја во образованието и зошто треба да биде важен дел од образованието.
„Сметам дека доста традиционалното разбирање на минатото, кое во развиениот свет во демократските општества веќе е надминато, или пак се менува. Со новиот концепт и во предметот кој предвидува да ги интегрира историјата, географијата, граѓанското образование, ќе се отстранат недостатоците пред се во наставната програма, но и во учебниците. Тодоров рече дека Концепцијата треба да ја унапреди и развива рамноправноста, меѓуетничка толеранција, разбирање за другите, за нивните култури и вредности преку кои ќе се градат совесни и одговорни граѓани.
“Националните борби и интереси не завршуваат со политичка сувереност, национални борби за интереси се и борби за родова рамноправност, човекови права , права на заедниците, маргинализираните групи, борби не за да ја политизираме историјата и да ги обвинуваме другите дека се помали Македонци и предавници”, рече Тодоров.
Академик Драги Ѓоргиев рече дека новата концепција нуди изучување на историја врз основа на критичко размислување без ширење стеротипи и предрасуди.
„Токму ова го нуди новата концепција којашто ја предлага Министерството за образование и наука и оваа работна група. Во оваа дискусија јас ќе одам малку понапред и ќе зборувам за наставните програми посебно за историја. Историјата не треба да се митологизира, за неа треба да се има рационален, а не емоционален пристап. Историјата треба да се изучува такашто ќе развива критичко размислување, а не да шири стереотипи и предрасуди. Токму овие можности се вградени во концепцијата”, рече академик Ѓоргиев. Тој истакна дека должноста и обврската на историчарите е да ја деполитизираат историјата да користат нови толкувања и нови извори и примена на современи методологии.
Академик Владо Камбовски истакна дека не смееме да ги одложиме реформите во образованието.
„Реформата е задоцнета затоа што Законот врз основа на којшто се носи е донесен уште пред две години и затоа е неопходно концепцијата да се донесе. Не смееме да го одложиме носењето на концепцијата. Не смееме да губиме години. Навремена е новата концепција и време е за соочување на ставовите. Главните протагонисти на целиот овој процес се наставниците. Дојде времето на учителот со големо У да стане главната фигура во образованието”, рече Камбовски.
Жалам што МАНУ не успеа да изгради заеднички став за новата концепција, рече академикот Абдулменаф Беџети на јавната расправа во Собранието.
Беџети напомена дека се неопходни реформи и потсети дека квалитетот на образованието е значаен фактор при мерењето на развојот на општеството.
„Квалитетот го дава човекот. Денеска Обединетите нации, во третиот милениум, го мерат развојот на општеството по индексот на човековиот развој и тоа врз основа на три фактори. Прво, материјалниот фактор односно БДП, втор е квалитетот на образование, а трет е здравство, односно просечниот животен век”, рече Беџети.
Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за политички, правни и социолошки истражувања истакна дека се дебатира за промена којашто требаше да се случи уште пред 30 години кога се осамостоивме како држава.
„Образованието требаше да го смениме уште кога ја сменивме целата вредносна рамка на општеството, а ние тоа не го направивме. Оваа концепција ја содржи Конвенцијата за правата на децата. Токму затоа во оваа концепција го гледам најдобриот интерес на децата којшто некогаш е напротив интересите на возрасните, на наставниците, директорите, на партиите. Токму во оваа Концепција гледам создавање на слободни и одговорни граѓани”, рече Најчевска.
За професорката Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки новата концепција е лекот за да се излезе од маѓепсаниот круг на авторитаризмот.„Сметам дека оваа концепција не е избрзана, туку напротив задоцнета. Според мене има недостаток, а тоа е дека не е доволно радикална и не е доволно смела”, рече Колозова.
Филип Фидановски, директор на ДСУЛУД „Лазар Личеноски” вели дека реформата е добра за развој на уметничкиот дух кај децата од најмала возраст и развивање на талентите.
„Се нуди создавање на училиште во кое уметноста од форма преточена во број на часови, најчесто и здодевни за учениците, прераснува во суштина, во клима и однос на учењето и живеењето во училиштето. Преку автономијата која ја добиваат наставниците по ликовно образование, а и оние по музичко образование, тие ја добиваат и вистинската улога, па тие не се само наставници на час, туку и креатори, уметници на просторот и атмосферата во училиштето”, рече Фидановски.
Фадби Османи, професор и декан на Педагошкиот факултет на Државниот Универзитет во Тетово, вели дека целосно се согласува со интегрирањето на предметите затоа што сега имаме повторување на исти содржини во различни предмети.
„Сите сме свесни дека треба да се реформира образованието. Знаеме дека образованието бара нов приод. Самата концепција го поврзува училиштето и научната јавност се занимава со оваа проблематика. Лично не се согласувам со отфрлање на концепцијата. Сите знаеме какви се резултатите од тестирањата и дека треба да се смени, но кога ќе се смени ако даваме отпор”, вели Османи.
Османи истакна дека Педагошките факултети низ државата треба да ги синхронизираат наставните програми и на тој начин да се придонесе кон подобри наставни кадри.Сите сме сложни дека ни се неопходни промени во образованието, рече Споменка Лазаровска, од Фондацијата Отворено Општество на денешната јавна расправа за концепцијата во Собранието.
„Новата концепција нуди современ пристап на учење, нешто што е многу важно. Оваа концепција е добра затоа што го намалува фактографското учење, а истовремено се поттикнува креативноста и критичното мислење и децата ќе учат како да учат”, рече Лазаревска. Лазаревска вели дека Фондацијата го поздравува тоа што за првпат се воведува флексибилност и настава којашто предвидува избор.
„Им овозможува на децата да имаат избор да го учат тоа што е во фокусот на нивните лични интереси со што им се овозможува да го истакнат својот полн потенцијал. Училиштата ќе имаат слобода, а наставниците автономија.
Со концеоцијата ќе се намали образовниот јаз кај помалку бројните заедници во државата затоа што ќе имаат можност за избор на материјали за учење кои сега не се достапни на сите наставни јазици”, рече Лазаревска.
Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини рече дека ја поддржува концепцијата со која се овозможува развој на потенцијалот на секое дете. „Училиштето мора да биде безбедна средина којашто ќе овозможи раст и развој на целокупниот личен потенцијал на секое дете. Особено во основното образование се многу важни градењето на демократски капацитети, вредности и ставови кај младите“, рече Цветковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.
Македонија
Сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, велат од МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно последните податоци, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби.
Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин.
Согласно информациите добиени од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови.
Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството активно ги разгледува можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.
„Уште еднаш апелираме до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва“, велат од МНР.

