Македонија
МОН: Успешната соработка со британскиот Совет продолжува, ќе се вклучат наставници во програмите за професионален развој

Британскиот совет продолжува со интензивна поддршка на образовниот систем во Северна Македонија. Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, и директорот на британскиот Совет, Питер Браун, на денешната средба разговараа за плановите и идеите за проекти што ќе се реализираат во наредниот период.
Двајцата соговорници ја разгледаа можноста за вклучување наставници во глобалните програми за професионален развој и ангажман, што ги реализира британскиот Совет. Серија активности се планирани и во подготовките за најголемиот светски собир на министри од областа на образованието и вештините, Светскиот образовен форум, што ќе се одржи в година во мај во Лондон. Поврзано со програмата „Училишта на 21 век“, претставници на Министерството за образование и наука ќе учествуваат на студиско патување со цел посета на институции и продлабочено запознавање со теми од интерес.
Директорот Браун информира дека британскиот Совет ќе продолжи со испитите за јазична компетенција во партнерство со Центарот за странски јазици. Министерот Шаќири му се заблагодари на британскиот Совет за досегашната успешна соработка во промовирањето на англискиот јазик, како и на дигиталното образование и вештини преку програмата „Училишта на 21 век“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
До 15 септември сите службени возила ќе имаат таблици во боја

Сите државни институции и јавни правни лица имаат обврска најдоцна до 15 септември 2025 година да ги заменат регистарските таблици на службените возила со нови, специјални таблици во боја. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница, по иницијатива на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.
Од СОЗР појаснуваат дека целта на оваа мерка е зголемување на транспарентноста, отчетноста и воспоставување контрола во користењето на службените возила.
Обележувањето на возилата ќе овозможи граѓаните лесно да ги разликуваат од приватните, со што ќе се спречи нивна злоупотреба за лични, приватни или партиски цели.
Во наредниот период ќе биде отворена и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилна употреба на службените автомобили. Секоја пријава ќе биде евидентирана и ќе се постапува согласно законските процедури.
Во завршна фаза е и изготвувањето на централен регистар за сите службени возила, кој ќе обезбеди дополнителна контрола и увид во нивното користење.
Македонија
Со 71 глас „за“, изгласана интерпелација на државниот обвинител Љупчо Коцевски

Собранието денес ја изгласа интерпелацијата на државниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од партијата „Левица“. Со 71 глас „за“, без воздржани и без гласови против, Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата се основани.
Партијата Левица ја поднесе интерпелацијата минатиот месец поради селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Пред почетокот на седницата, на прес-конференција, пратеникот од СДСМ, Јован Митрески кажа дека партијата нема да учествува во гласањето оти интерпелацијата за јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, нема правни последици туку дека е негова одлука дали ќе остане на функцијата. Митрески нагласи дека како пратеничката група на СДСМ и Коалицијата останува на принципиелниот став дека јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се по словото на законот и никако поинакви.
Македонија
СДСМ: Лицето што го споменуваат ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бил личен шофер на Зоран Заев

Додека државата буквално гори, додека македонските шуми, пасишта, полиња се претвораат во пепел, ВМРО-ДПМНЕ штанца лаги од белата палата. Прво беа скакулците криви, кравите, СДСМ, Заев, утре ќе измислат некој друг, реагираат од СДСМ, на прес-конференцијата на Миле Лефков кој обвини дека шоферот на Заев е уапсен за подметнување пожар во Струмица.
„Очајни, бедни обиди за дефокус и тоа со истиот лик Миле Лефков. Вистината е лесно проверлива: лицето што го споменуваат никогаш не бил личен шофер на Зоран Заев ниту пак телохранител.Не можат да организираат итна интервенција на терен и да ги изгасат пожарите, па организираат лаги. Единствени виновни за пожарите се ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои се неспособни.Изгоре над 20% од територијата на државата. Нема нови возила, нема опрема, нема пожарникари, нема авиони. Има само лаги, прес-конференции и луксузни патувања“, велат од СДСМ.
Додека пожарите јадат шуми и домови, додаваат од таму, тие трошат народни пари на морски плодови, егзотично овошје и приватни авиони. Додека граѓаните гасат пожари со кофи и лопати, владата на ВМРО-ДПМНЕ троши милиони на телефони, ама нема денар за спасување животи и имот.