Македонија
МОН: 80 отсто од учениците успешно следат онлајн настава
Од почетокот на учебната година бројот на учениците коишто следат онлајн настава е зголемен за околу 10%, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).
„За неполна недела околу 80% од учениците во средните и основните училишта успешно се приклучија кон онлајн наставата, а овој процент од стартот на годината постојано се зголемува. Останатите, ученици и наставници во основно и средно образование, пријавиле дека имаат тешкотии при вклучувањето во онлајн наставата, а како најчеста причина ги посочуваат – лошата интернет-конекција или немањето уреди“, се наведува во соопштението.
Од Министерството за образование велат дека се во координација со градоначалниците, локалните самоуправи и директорите на училиштата и се работи на надминување на овие предизвици.
„Моделот за онлајн настава се покажа функционален и успешен, а наставниците и учениците се задоволни од тоа како се одвива наставата од далечина. Апелираме до сите оние кои ја бојкотираат наставата дека секој изгубен ден од учењето е на директна штета на децата. Сите ученици мора да ја почнат учебната година и најважно од сè е образовниот процес да продолжи“, стои во соопштението на ресорното министерство.
МОН информира и дека над 98% од учениците од 1-3 одделение следат настава со физичко присуство во училиштата, а нешто помалку од 2 проценти учат од далечина. За учениците коишто немаат уреди за онлајн учење, а сепак треба да учат на далечина, се емитуваат 15-минутни часови на телевизија преку Националната радио-телевизија. Исто така, наставниците имаат обврска да им печатат материјали и редовно да им ги доставуваат, но и да бидат во постојана комуникација со нив и нивните семејства, за да го следат совладувањето на наставниот материјал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

