Македонија
МО: Два борбени авиони „Ф-35“ прелетаа во Македонија во знак на силното сојузништво во Алијансата
Два борбени авиони од типот Ф-35 на Националната гарда на Вермонт, денеска извршија прелет и слетаа на аеродромот во Петровец, како приказ на силното сојузништво и единство во Алијансата, како и на речиси тридецениското партнерство меѓу Армијата на Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт и подготвеноста на Алијансата да ја заштити безбедноста на своите земји членки.
На настанот присуствуваа и заменик амбасадорот на САД, Ерик Маер и потполковникот Џон Мекреј од Националната гарда на Вермонт.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во изјава за медиумите порача дека слетувањето на авионите Ф-35 на македонска територија е непобитен доказ дека Северна Македонија е дел од нешто што е поголемо од сите нас и дека зад нашата безбедност и безбедноста на Алијансата стојат сите сојузници со своите капацитети и способности.
„Северна Македонија е дел од мисијата на НАТО за патролирање на воздушниот простор повеќе од една година. Овој елемент на интеграција во НАТО на националниот воздушен простор за нас е една од најважните активности на војската во мирновременски услови. Важно е да се истакне дека аеродромите во Северна Македонија можат да обезбедат поддршка за авионот Ф-35 во извршување на различни мисии во воздушниот простор на НАТО“, рече министерката.
Петровска се осврна и на стратешкото партнерство со САД, како и на партнерството помеѓу Армијата на Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт, кое трае речиси три децении.
„Овие напредни борбени воздухоплови се дел од 134-та борбена ескадрила на Националната гарда на Вермонт. Партнерството меѓу Северна Македонија и Вермонт отсекогаш било пример за соработка, пријателство и взаемна поддршка“, потенцираше Петровска.
Полковникот Џон Мекреј од Националната гарда на Вермонт порача дека ниту една земја самостојно ги нема ресурсите за да се справи со сите безбедносни предизвици и дека токму партнерствата ни ја даваат колективната сила и мудрост за да ги идентификуваме и со заеднички сили да ги надминеме заканите по нашата безбедност.
„Токму поради членството на Северна Македонија во НАТО како сојузник можеме да ја споделиме безбедноста која произлегува од мисиите за патролирање на воздушниот простор и брзо распоредување на напредни способности на платформата Ф-35, како што докажавме денес“, рече Мекреј.
Мекреј, укажувајќи на тридецениската врска помеѓу Вермонт и Северна Македонија, истакна дека и Северна Македонија дава свој придонес кон одржувањето на подготвеноста на силите.
„Северна Македонија обезбедува обука и ресурси за воздухопловните сили на НАТО преку воениот аеродром во Петровец и полигонот за обука Криволак кои ни се потребни за да ја одржиме нашата подготвеност. Воздухопловните сили на НАТО, пак, имаат шанса да тренираат заедно со вашиот Воздухопловен Винг и Армијата за да ја гарантираат сегашната и идната безбедност на Северна Македонија, на балканскиот регион и на Европа“, подвлече тој.
Авионот Ф-35 е едносед, едномоторeн, повеќенаменски борбен авион. Авионот има способности за електронско војување и разузнавање, надзор и извидување. Повеќенаменскиот борбен авион од петтата генерација е фокусиран на воспоставување на воздушна супериорност и реализација на мисии воздух-земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

