Македонија
„Мрдни со прст – пикник за сите“ – целодневен настан во Градскиот парк
Граѓанската платформа „Мрдни со прст“, денеска, со почеток во 11 часот, во Градскиот парк во Скопје, организира голем целодневен настан со наслов „Мрдни со прст – пикник за сите“, кој ќе биде отворен за сите заинтересирани.
Целта на овој настан е да се направи простор за граѓаните каде што ќе може заедно да спортуваат, да се забавуваат, но и да разговараат за граѓанскиот активизам, да добијат можност да се приклучат на идни граѓански акции и да им покажат на другите дека секој може да донесе промени во своето општество.
Настанот има цел да понуди програма за сите возрасти и да направи простор за дружење и релаксација со повеќечасовно уживање со музика. Отворањето е во 11 часот кога ќе започнат активностите за најмладите и за спортистите, а ќе заврши со музичка програма во 1 часот по полноќ.
Познатиот телевизиски водител и аниматор Мартин 99 ќе го означи почетокот на настанот и ќе им ги најави на посетителите претстојните активности, кои ќе се случуваат во текот на целиот ден. Од 11 до 14 часот Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ќе организира серија активности за најмладите. Во исто време ќе биде реализиран и спортско-забавен настан со мото „Размрдај се“, што подразбира вежбање фитнес и јога со професионални инструктори под отворено небо, во кои може да се вклучат сите возрасни групи граѓани.
Од 14 часот до 17 часот е време за дружење во чил аут-зоната, во која повеќе македонски диџеи ќе пуштаат релаксирачка музика во заднина, а посетителите ќе може да уживаат во слободни активности, како фризби, јо-јо…
Од 17.30 часот, па сè до 19 часот, ќе се одржи трибина со наслов „Нахрани го умот“, каде што говорници ќе бидат серија граѓански активисти кои ќе зборуваат за својата работа поврзана со борбата за чист воздух, здрава животна средина, учество во хуманитарни акции и борбата за подостоинствен живот на работниците. Водител на овој настан ќе биде Жаре од „Еден на еден“, кој ќе осигури и голема интеракција со публиката.
Од 19.30 до 20.30 часот ќе бидат прикажани 3 кратки филма од млади домашни автори, кои веќе беа претставени на фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“. Тоа се филмовите „Поинакви“, „Адолесцензура“ и „Поглед во очите“. Овие филмови се занимаваат со современи приказни, теми со кои честопати се соочуваме, но ретко зборуваме за нив. Авторите на филмовите ќе бидат на проекцијата и преку својата приказна ќе се обидат да отворат дискусија со посетителите за овие проблеми.
Од 20.30 часот, па сè до 1 часот по полноќ, ќе настапат неколку познати музичари и диџеи зад своите миксети, меѓу кои Гоце САФ, Тони Зен, Dj BoogieMan и Dj GameOver.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради одрон во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Ресен- Граничен премин Стење
Денеска од 07:55 часот, поради одрон на патот помеѓу селата Царев Двор и Отешево, во прекин е сообраќајот во двата правци на регионалниот пат Ресен – Граничен премин Стење.
„Апелираме до граѓаните да не се упатуваат кон овој пат, а надлежните институции преземаат мерки и активности за чистење на патот и нормализирање на сообраќајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена“, велат од МВР.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.

