Македонија
Мрежата за заштита од дискриминација бара да се испитаат случаи на полициска бруталност кон бездомници
На 10 јуни во повеќе медиуми беше објавен прилог во кој граѓани изјавија дека биле жртви на насилство од страна на полициски службеници. Станува збор за бездомни лица кои живеат во близина на објектот на ПИОМ во Скопје и според својата етничка припадност се Ром(к)и.
Настанот се случил за време на „полицискиот час“, кога, според изјавите, дваесетина припадници на интервентната полиција употребиле физичка сила кон сите лица кои се нашле на наведената локација, вклучително кон жени, деца и постари лица кои воопшто не биле инволвирани во случајот.
Мрежата за заштита од дискриминација бара утврдување на лична одговорност од секој полициски службеник доколку тој ги пречекорил своите службени овластувања, како и од сите лица кои издале таква наредба. Бараме од Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, да покрене постапка за испитување на случајот и доколку се утврди злоупотреба на овластувањата на полициските службеници, да биде поведена кривична постапка и кон нив да се изрече најстрога санкција од работен однос.
„Од Министерството за внатрешни работи упатиле информација до медиумите дека од страна на полициски службеници од Полициска станица Аеродром биле преземени мерки и активности за констатирани прекршувања на полициски час од група на граѓани кои биле собрани на јавно место и го нарушувале јавниот ред и мир со пуштање на гласна музика. Според изјавата на МВР, пет лица прво дрско се однесувале кон полициските службеници, по што физички ги нападнале, а едно од нив фрлило камен кон нивното полициско комбе. Врз основа на овие настани, кон пет лица биле поведени постапки за утврдување на прекршочна, односно на кривична одговорност. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, станува збор за случај од кој може да се утврди лична одговорност на неколку лица кои живеат на наведената локација. Тие се веќе идентификувани, лишени од слобода и кон нив веќе се преземени иницијални акти за утврдување на одговорност. Оттука, силата употребена врз лица (мажи, жени, деца, постари лица) кои на ниту еден начин не се инволвирани во настанот покажува дека полицијата употребила сила за да одбие замислен напад.
Неодамна во Штип (на 12 мај, на Радански пат), медиумите објавија сличен инцидент со полицијата, каде имало употреба на сила кон група граѓани поради едно патничко моторно возило натоварено со дрва, управувано од Роми. Ова покажува дека непрофесионалниот однос, полициската бруталност и самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани, е честа практика на полицијата. Постапувањето од овој вид е мотивирано од расистички предрасуди и непочитување на достоинството на Ромите. Дополнително, особено загрижува фактот што полицијата постапува дискриминаторски со тоа што селективно применува сила кон граѓани кои се наоѓаат на маргините на општеството, а не постапува во случаи каде последиците, штетата или користа се од огромни размери. Ваквиот третман на полицијата кон ранливите групи на граѓани нема да ја врати довербата во полицијата, и напротив, ја урива, притоа придонесувајќи граѓаните да се чувствуваат загрозено и уплашено, претрпувајќи психички стрес, наместо да се чувствуваат заштитено од страна на полициските службеници“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.
Македонија
Ѓорѓиевски: Започна реконструкцијата на улицата ,,Лазар Трповски” во Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, една од најзначајните сообраќајни артерии во овој дел од градот. Овој проект е клучен за обезбедување поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните на Чаир, посочуваат од Град Скопје.
„Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата „Лазар Трповски“, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Градот Скопје продолжува со инфраструктурните инвестиции и до крајот на годината ќе започне постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница“.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

