Македонија
Мрежа за заштита од дискриминација: Народниот правобранител повеќе да им верува на жртвите, отколку на полицијата
Мрежата за заштита од дискриминација смета дека е од исклучителна важност Народниот правобранител соодветно да постапува во случаи на дискриминација и вознемирување, отколку да има поголема верба во исказите на полициските службеници.
„Народниот правобранител не верува на исказите од страна на жртвите и во известувањето за запирање на постапката без никакво образоложение само ги пренесува одговорите на МВР. Досегашната пракса покажува дека укажувањата за потребите од преземање мерки не се соодветен механизам во борбата против дискриминаторско и вознемирувачко однесување и постапувања од страна на полицијата, а Народниот правобранител не мониторира дали препорачаните мерки навистина се преземаат. Бројот на пријави на случаи на несоодветно постапување од страна на полициски службеници расте, а неосудувањето на таквото однесување од страна на телата за еднаквост и неказнувањето на службениците од страна на Секторот за внатрешна контрола и обвинителството, само го охрабруваат ваквото однесување и постапување и ја зголемуваат недовербата кон механизмите за заштита”, се вели во соопштението.
Мрежата во која членуваат неколку организации информира дека во октомври до Народниот правобранител поднесена беше претставка против МВР за случај на дискриминација и вознемирување од страна на гранични полициски службеници врз основа на родов идентитет. Во случајот се работи за две транс-жени од Турција кои биле вознемирувани од страна на граничната полиција по нивното слетување на аеродромот во Скопје. Двете транс-жени ја имаат почнато транзицијата и изгледаат како типични жени, но ознаката за пол на пасошите е „М“ поради несоодветната законска рамка во Турција која го отежнува правното признавање на родот. На аеродромот во Скопје тие се соочиле најпрво со низа прашања околу престојот и причината за посета на Македонија, а потоа полициските службеници ги викале своите колеги без никаква потреба, им ги гледале пасошите, зјапале во жените и им се смееле. Еден од службениците на едната транс-жена ѝ кажал дека бил во Истанбул и видел „луѓе како неа“.
„По поднесената претставка, Народниот правобранител достави известување во кое наведе дека доставил барање со укажување до Секторот за гранични работи и миграција во кое ги навел наводите од претставката и укажал на потребата надлежните служби најитно да спроведат соодветна обука на сите гранични полициски службеници во насока на нивно сензибилизирање. Народниот правобранител препорачал и преземање мерки за запознавање на сите службеници со соодветната домашна и меѓународна пракса што се однесува на забрата на вршење на дискриминација по кој било основ. Дополнително во известувањето е наведено дека од страна на МВР добиен е одговор на претставката со кој Народниот правобранител бил известен дека биле извршени регуларни проверки на патни исправи и со трансжените се постапувало учтиво, а бидејќи се работи за несовпаѓање со изгледот, било направено верифицирање со друг службеник.
Согласно со известувањето, Народниот правобранител не утврдил дека се повредени начелата на недискриминација и дека е сторено вознемирување врз основа на родов идентитет и само укажува за потребата од тренинзи за сензибилизација кон „овој тип лица” и препорачува преземање мерки за запознавање на службениците со легислативата во областа на дискриминација. Народниот правобранител не ги зема предвид наводите дека транс-жените биле изложени на исмејување и недолични коментари од неколку службеници и дека не се работело само за проверка и верификација од надреден службеник како што е наведено од МВР. Имено, со своето однесување, непотребните коментари, чекањето, повикувањето на колегите и исмејувањето, полициските службеници на аеродромот создале непријателска и понижувачка средина, го отежнале пристапот и го повредиле достоинството на транс-жените. Со тоа што ги повикувале своите колеги за да ги видат пасошите и транс-жените, го повредиле и правото на приватност и ги изложиле непотребно на исмевање кое резултирало со повреда на достоинството”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Можности за интензивирање на парламентарните контакти со Казахстан
Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
„Претседателот на Пратеничката група, пратеникот Никола Коњановски, им посака срдечно добредојде на присутните и истакна дека ваквите средби претставуваат значајна можност за размена на ставови за актуелните билатерални односи и за унапредување на парламентарната соработка. Тој нагласи дека Република Северна Македонија му дава особено значење на развојот на политичкиот дијалог, економската соработка и културната размена со земјите од Централна Азија“, соопшти собраниската прес – служба.
Работната средба продолжи со обраќањето на амбасадорот на Казахстан, Буршаков, кој ги презентираше уставните измени и реформите што се спроведуваат во неговата земја, со цел зајакнување на демократските институции, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.
Во дискусијата учество зеде и пратеничката Дијана Илиевска, која изрази задоволство што е член на Пратеничката група за соработка и за можноста да учествува на средбата. Таа му посака успех на амбасадорот на Република Казахстан во процесот на уставните измени и реформите во земјата.
Во продолжение на средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските, трговските, образовните и културните врски, како и за интензивирање на парламентарните контакти и размена на искуства меѓу парламентите.
Во дискусијата беше нагласена улогата на Казахстан како важен фактор во Централна Азија и пошироко, особено во промовирањето на дијалогот, стабилноста и мултилатерализмот. Учесниците изразија подготвеност за продлабочување на соработката на мултилатерално ниво.
„Во насока на унапредување на парламентарните односи, беше предложено воспоставување поинтензивна и редовна комуникација меѓу пратеничките групи за пријателство, организирање заеднички активности, работилници и тематски конференции, како и размена на делегации и експертски посети. Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно зајакнување на билатералните и парламентарните односи и за продлабочување на соработката преку размена на искуства во реформските процеси и евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

