Македонија
Мрежа за заштита од дискриминација: Не постои јавен интерес во објавување на имињата на заболените од Ковид-19
Не постои јавен интерес во објавување на имињата на заболените од коронавирус, смета Мрежата за заштита од дискриминација.
„Личните податоци на пациентите заболени од корона и нивните контакти треба да ги знаат здравствените работници кои ќе преземаат соодветни мерки и ќе го следат нивното почитување. Не постои јавен интерес во објавување на имињата на заболените, бидејќи таа информација не му користи на обичниот граѓанин, напротив, само предизвикува гнев, осуди и ризик од насилство и прекршување на други права“, се наведува во соопштението.
Мрежата за заштита од дискриминација апелира и бара од Владата и надлежните институции да преземат мерки за спречување на вознемирувањето и прекршувањето на човековите права на луѓето позитивни на Ковид-19 и на луѓето кај кои постои сомневање дека се позитивни на вирусот.
„Во изминатиот период се појавија голем број написи на медиумите, главно на интернет-порталите, каде се објавија слики, имиња и листи на граѓани кои се позитивни на Ковид-19 или кај кои постои сомневање дека се позитивни. Овие медиумски содржини се проблематични и штетни од многу аспекти. Прво, покрај здравствено-економската криза, Законот за заштита на правата на пациентите го гарантира правото на доверливост на сите пациенти, што значи дека здравствениот персонал не смее да издава какви било податоци поврзани со здравствената состојба, помеѓу кои и статусот Ковид-19, на трети лица кои не се вклучени во лекувањето на пациентот и во професионалното следење на епидемијата. Медиумите, вклучително и интернет-порталите, имаат обврска да го почитуваат Законот за заштитата на личните податоци, а Агенцијата за заштита на личните податоци треба соодветно да постапува и да ги санкционира“, велат од таму.
Со објавувањето на личните податоци на луѓето заболени од Ковид-19, додаваат од Мрежата, или, пак, податоците на оние кај кои постои сомневање, се ризикуваат нивната безбедност и благосостојба.
„На овој начин, самите пациенти се изложуваат на јавен линч, се прогласуваат за опасни по јавното здравје, вината за инфицирањето се бара во нив, а тие се обележуваат како неодговорни, несовесни и опасни граѓани. Со обвинувањето на пациентите и јавното линчување на поединци се креира стигма околу коронавирусот, а самите пациенти се изложуваат на вознемирување како форма на дискриминација, токму поради нивниот здравствен статус“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Од таму велат дека дека со ова се прекршува и Законот за спречување и заштита од дискриминација кој забранува дискриминација поради здравствен статус.
Од Мрежата сметаат дека воведувањет мерки како јавно објавување на имињата на носителите на вирусот е контрапродуктивно на напорите за надминување на кризата.
Мрежата за заштита од дискриминација бара од Владата и од Агенцијата за заштита на личните податоци активно да ги следат и по службена должност да ги санкционираат медиумите коишто објавуваат лични податоци на пациенти коишто се позитивни на корона или за кои постои сомневање.
„Апелираме и до здравствените работници да не издаваат лични податоци за пациентите и информацијата за нечиј Ковид-19-статус да ја третираат доверливо согласно здравствените прописи“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

