Македонија
МТСП: Со социјалната реформа не се кратат, туку се унапредуваат правата на лицата со попреченост
Министерството за труд и социјална политика ја демантира изјава од „Хендикеп плус“ дека со предложениот закон за социјална заштита се кратат правата на лицата со попреченост. Напротив, со новата законска регулатива се унапредуваат правата, и тоа преку неколку основни начела: член 15 – начелото на еднаков третман и недискриминација, член 17 – начелото на партиципативност; член 18 – начело на индивидуализација и член 22 – начело на најдобар интерес, тврди Министерството.
„Со социјалната реформа се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – лична асистенција и услугата домашна нега. Правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, а додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител што чува дете со попреченост се зголемува до 50 отсто од просечна нето-плата.
Како поддршка на биолошките семејства што имаат деца со попреченост, 15 отсто се зголемува износот на утврдената висина на правото на посебен додаток. Воедно, се воведува и таканаречениот траен надоместок за родител што се грижел за детето со попреченост до неговата 26-годишна возраст, без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија по наполнување 62 години за жена, односно 64 години за маж. Исто така, се развива и услугата за одмена на семејна грижа, која ќе обезбедува краткотрајно згрижување зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството што се грижат за нив, што е исто така дел од новиот Закон за социјалната заштита“, соопшти МТСП.
Владата изминатата година ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, која предвидува 66 милиони евра за 10-годишна реформа на системот за социјална заштита. Веќе се направени првите чекори за воспоставување индивидуализирани социјални услуги во заедницата – првпат во земјата се воведе услугата персонална асистенција, финансирана од буџетот на МТСП. По завршувањето на подготовките, вклучувајќи обука на идните персонални асистенти, вкупно 69 лица во 7 општини добија можност да ја користат услугата лична асистенција. За оваа година се предвидува 200 лица со попреченост од целата земја да ја користат оваа услуга вклучувајќи ги лицата со интелектуална попреченост. Ова е доказ дека оваа Влада во целост ги има предвид одредбите на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, особено нејзините одредби за независен живот и независно одлучување, кои се основата на развојот на сите нови индивидуални услуги што во минатото не постоеле.
„Уште еднаш, МТСП најостро ги демантира тврдењата дека со новиот Закон за социјалната заштита се кратат прават за лицата со попреченост. Напротив, за разлика од досегашната практика, со која само се трансферираа финансиски средства до крајните корисници, без притоа да добијат соодветна услуга, со сите овие новини се става акцент на развојот на услугите што ќе ги подобрат поддршката и негата, но и ќе ја зголемат независноста на лицата со попреченост и нивната вклученост во општеството“, се додава во реакцијата.
Бранкица Димитровска од здружението „Хендикеп“ на прес-конференција пред Министерството за труд и социјална политика порача дека лицата со попреченост ќе протестираат ако треба секој ден со количките доколку не се земат предвид нивните барања, пред сè, подигање на висината на помошта што се издвојува од буџетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.

