Македонија
МТСП: Кампањата „Сложувалка“ има за цел да охрабрува, поддржува и поттикнува
Министерството за труд и социјална политика заедно со канцелариите на УНФПА во Република Северна Македонија со поддршката на Британската Амбасада ја започнаа кампањата „Сложувалка“ во пресрет на 16 денови активизам за борба против насилството врз жените. На официјалниот настан кој се одржа во Македонска Опера и Балет се обратија Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и шефицата на канцеларијата на УНФПА во Република Северна Македонија, Афродита Шаља.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи со своето обраќање го отвори настанот и го поврза името на кампањата „Сложувалка“ со добро структуриран, сеопфатен, сложен и посветен систем, склопен од многу делови може да одговори соодветно, да превенира и да заштити. Тој ги објасни законите, центрите за поддршка на жртвите како дел од делувањето на институциите за справување со насилството, меѓутоа се задржа на делот на личното делување во промена на општествената слика во однос на охрабрувањето и поддршката на жените.
„Да не дозволиме да станат или останат економски зависни, да не дозволиме да не се охрабрат да пријават, во тој процес, да не дозволиме двојна виктимизација, да не дозволиме да мислат дека е нивна вина или нивна судбина… да не дозволиме истата да ја пренесат на следните генерации. Денеска, пред вас покрај како вицепремиер стојам и како маж и татко. И јас сум активен сојузник на сите жени. Тоа го учам мојот син и тоа е наша обврска. Да ги учиме сите наши синови, дека борбата ни е заедничка, бидејќи сите сме дел од истата сложувалка, а во неа жените се сврзното ткиво“ истакна Битиќи.
Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека сѐ поголем број на жени се охрабруваат и ги пријавуваат случаите на семејно насилство, наспроти податокот дека до пред 5 години само 2% од жените кои доживеале насилство од партнерот, пријавиле во полиција сериозен инцидент, изјаснувајќи се дека домашното насилство треба да се реши во семејството, Спасовски истакна:
,,Изминативе години, тргнувајќи од низата нови меѓународни и домашни законски промени, МВР организационо, професионално и стручно се прилагоди кон новите трендови и стандарди во третманот на насилството врз жената, поставувајќи стандардни оперативни процедури кои што опфаќаат еден широк спектар на активности, не само за идентификување и управување со ризиците, туку дополнително и за обезбедување на безбедноста на жртвата во сите фази на полициското постапување. Полицијата јасно ги препознава своето место и улога во целиот тој процес на превенција, заштита и гонење на сторителите на насилство врз жени, семејното и родово базирано насилство. И, секако, нашиот стремеж секогаш треба да биде насочен кон апсолутна институционална и кривично-правна нетолерантност кон оваа појава“.
Од страната на канцеларијата на УНФПА шефицата на канцеларијата Афродита Шаља ја објасни целта на овој мандат на оваа агенција на Обединетите Нации.
„Ставањето на крај на родово базираното насилство и унапредувањето на родовата еднаквост, преку пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права, право на безбедност и живот без насилство, подобрено образование, соодветни политики на работното место, ќе резултира со поздрави семејства, посилни економии и поотпорни општества. Ова е во сржта на мандатот на УНФПА и посветено продолжуваме да работиме со партнерите се до целосно остварување на овие цели“ рече Шаља.
Обраќањата ги затвори министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска со охрабрувачки говор кон секоја жена која била жртва на било каков вид на насилство.
„Верувам дека секоја од вас го почувствувала гневот во себе за неможноста да ја заштити другарката, колешката од насилникот, но и од немоќта да ја убеди да го напушти насилството токму во мигот на доверување, на слабост и на солзи. Затоа горда сум што ќе кажам дека не говориме само овие денови за борба со насилството врз жените и девојките, ниту јас, ниту моите колеги од Владата. Говориме цела оваа година која изминува. Оваа година ги охрабрувавме жените да бидат „Гласни и Храбри “ зошто тоа како општество ни треба, да „Остават траг“ зошто се моќни и единствени, и да се охрабрат, да исчекорат и да станат цврст дел од нашата заедничка „Сложувалка“ во која сите сме еднаков дел, цврст, храбар, силен и нераскинливо поврзан со другите“ изјави Тренчевска.
Таа го заврши својот говор со повик на сите чинители во општеството да бидат дел од сложувалката, да охрабруваат, поддржат и да го пријават насилството. Повика на заедничка борба за осветлување на мракот од насилството за сите жени деца и за сите девојки кои живеат во сенката на молкот и стравот и за оние жени кои во оваа борба ги изгубија своите животи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

