Македонија
МТСП: Со јакнење на мобилните тимови се засилуваат активностите за работа со деца на улица
Министерството за труд и социјална политика во соработка со Меѓуопшинскиот центар за социјални работи Скопје, Црвениот крст и УНИЦЕФ ги засилува активностите за работа со деца на улица. За таа цел денеска се одржа обука на стручни лица (социјални работници, педагози и дефектолози), кои ќе работат со децата на улица за да им се обезбеди соодветна заштита. Работата на терен ќе се спроведува мултисекторски врз основа на стандардизирана вмрежена соработка на сите релевантни владини и невладини организации и институции.
На овој начин Центарот за социјални работи ги зајакнува мобилните тимови, кои ќе прават мапирање на најфрекфентните локации каде што има деца што питаат, а полнолетните членови ќе ги активираат како баратели на работи и ќе работат на нивно вклучување во мерките за доквалификација и прекфалификација.
„Оваа засилена активност за работа на стручни лица со децата на улица ја почнуваме бидејќи на секое дете му треба безгрижно детство, детство што е целосно ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба. Со работа одблиску со децата на улица и нивните семејства ќе ги детектираме и решаваме проблемите со кои се соочуваат“, изјави министерката за труд и социјлна политика, Мила Царовска, по повод обуката на стручните лица што ќе го прават мапирањето.
Во обуката се вклучи и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, кој истакна дека УНИЦЕФ и Владата тесно соработуваат за да ги зајакнат механизмите за помош на децата на улица, но исто така да се спречи децата да го поминуваат времето на улица преку развивање посилни механизми за заштита и спроведување системски промени.
„Децата на улица често се жртви на многубројни негативни искуства вклучувајќи физичка и психичка злоупотреба и запоставување. Многу од нив не го остваруваат своето право на образование, здравство и заштита“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
Министерството за труд и социјална политика ја креира социјалната реформа, која е во собраниска процедура, а е во насока на намалување на детската сиромаштија и извлекување на најранливите граѓани над линијта на сиромаштија. Со оваа реформа детскиот и образованиот додаток ќе станат достапни за 20 пати повеќе деца, а работоспособните ќе се активираат на пазарот на трудот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

