Македонија
Мултиетничка химна, задолжителен албански јазик и половина работен ден во петок – Зибери ја претстави програмата на ДУИ
Кандидатот за премиер на ДУИ, Насер Зибери, пред Владата претстави дел од програмата. Во своето обраќање тој истакна дека неговиот план е непартиски и е добар за заедницата и за земјата.
Зибери претстави пет иницијативи, меѓу кои: имплементирање на консензуално законодавство при одлучувањето и заедничка одговорност. Ова значи дека 10-те стратешки државни институции ќе управуваат заеднички од еден Македонец и еден Албанец, со заеднички права за потпишување.
Понатаму, грижа за еднаква дистрибуција на јавните инвестиции, односно главните економски одлуки (буџет, инвестиции, даноци) од страна на владата да не можат да бидат донесени без поддршка од мнозинството членови на албанскиот кабинет.
Како трето, посочи дека ќе предложи да има задолжителни часови по албански јазик во секое училиште, почнувајќи од 5-то одделение. Зибери предлага и 13 август, денот на потпишувањето на Охридскиот договор, да се прогласи за национален ден.
Како петта иницијатива, тој предлага мултиентничка химна. „Предлагам да се постигне консензус за химната на нашата земја, да се рефлектира оваа разновидност – затоа што овој симбол не треба да биде симбол на исклучивост и нееднаквост, туку на сеопфатност и еднаквост“, рече Зибери.
Како дел од заложбите, тој истакна дека државата треба да помогне и да обезбеди субвенции за сите оние кои сакаат да работат и да создадат работни места. Најави иницирање на политика за нула даноци, што значи: нула данок на добивка за три години за секој вработен за првпат под 35-годишна возраст; и нула даноци за компании за три години за секое самовработено лице под 35-годишна возраст.
Зибери се залага и за воведување флексибилно работно време во текот на неделата и половина работен ден во петок. Закон со кој се забрануваат казината и игрите на среќа во далечина од еден километар од училиштата, црквите и џамиите. Минимална плата од 600 евра за секоја медицинска сестра, наставник и учител. Измени во законот за образование и задолжително, како и обезбедување грант од 20.000 евра навреме за секој нов земјоделец под 35-годишна возраст.
„Ова не е изборна програма, не е збирка ветувања – има 25 конкретни иницијативи и чекори. Ова се моите приоритети за првите 100 дена од мандатот како премиер. Ова се мои ветувања до вас, граѓаните на земјата. Нема генерички фрази, нема политички пароли, без замоци од песок во воздухот. Но затоа има конкретни, искрени и достижни мерки што владата мора да ги преземе што е можно поскоро во областа на економското закрепнување, заштитата на работните места, образованието, развојот на инфраструктурата, правдата и еднаквоста“, рече Зибери.
Посочи дека Македонците не треба да ја гледаат еднаквоста како закана и никој не сака да земе ништо од нив – напротив, еднаквоста ќе им служи на сите и ќе ја придвижи земјата напред.
„Моето силно верување е дека она што е добро за Албанците во оваа земја е добро и за Македонците“, рече Зибери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

