Македонија
Муртезани во Киев потпиша Меморандум за соработка со Украина
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Киев оствари средба со заменик претседателката на Владата на Украина, задолжена за европски и евроатлантски интеграции, министерка за правда и главен преговарач за членство на Украина во ЕУ, Олга Стефанишина. Во фокусот на средбата беше потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу Северна Македонија и Украина за прашања поврзани со интеграцијата во Европската Унија, за што назначени како потписници во името на Владите на двете земји се нивните главни преговарачи со ЕУ, Муртезани и Стефанишина.
На средбата беше потенцирана важноста на европската интеграција како стратешки приоритет за двете земји. Министерот Муртезани потенцираше дека процесот на проширување мора да остане кредибилен и базиран на заслуги, за да обезбеди стабилност и напредок.
„Северна Македонија ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија, а оваа посета го потврдува нашиот заеднички стремеж кон европските вредности. Процесот на пристапување кон Европската Унија не треба да биде исклучив, туку инклузивен и базиран на заслуги, овозможувајќи и на Украина и на земјите од Западен Балкан правична шанса за напредок. Единството и солидарноста меѓу нашите народи се клучни за градење силна и обединета Европа,“ – истакна МЕП Муртезани.
Соговорниците констатираа дека Меморандумот за разбирање е значаен чекор во градењето на поблиска соработка меѓу двете земји, со цел размена на знаење и искуства кои ќе придонесат за поуспешно остварување на заедничките цели за членство во Европската Унија. Министерот Муртезани изрази подготвеност Северна Македонија да го сподели своето искуство од пристапниот процес со Украина, нагласувајќи дека размената на добри практики ќе биде од исклучително значење. Меморандумот опфаќа размена на искуства и знаења во различни области, вклучувајќи законодавство, судски реформи, борба против корупција и организиран криминал, како и промоција на европските вредности. Страните се обврзуваат да соработуваат во унапредување на институционалните капацитети, како и да разменуваат експертиза за исполнување на критериумите за членство во ЕУ. Меморандумот исто така предвидува организирање на заеднички настани, обуки и иницијативи за поддршка на европската интеграција на Украина и Северна Македонија.
Заменик-претседателката на Владата на Украина, Стефанишина, изрази благодарност за континуираната поддршка од Северна Македонија, посочувајќи дека заемната соработка е од суштинска важност за европската перспектива на двете земји. Таа истакна дека Украина гледа на Северна Македонија како партнер и пријател во евроинтегративниот процес.
На средбата се разгледаа и можностите за продлабочување на регионалната соработка преку заеднички проекти и иницијативи, особено во области каде преку тесна соработка би можеле да се зајакнат напорите на двете земји за пристапување во Унијата. Муртезани и Стефанишина се согласија дека унисониот пристап во решавањето на заедничките предизвици и искористувањето на можностите што ги нуди процесот на интеграција во ЕУ, се од круцијална вредност како за Украина, така и за Северна Македонија. Тие ја подвлекоа заемната посветеност за координирано делување во унапредувањето на стабилноста, растот и европските вредности во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.

