Македонија
Муртезани на ГАК во Брисел: Членството во ЕУ е главниот приоритет на новата Влада, покрај економскиот развој

Mинистерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Брисел учествуваше на официјалниот состанок на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК). Ова е прв пат Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија да бидат вклучени во Извештајот на Европската комисија за владеење на правото, нудејќи им можност на министрите од земјите-кандидатки, во инклузивна средина, заедно со министрите од земјите-членки на Унијата да разменат мислења за прашања поврзани со владеење на правото.
Министерот Муртезани, на Состанокот ја поздрави одлуката за вклучување на Северна Македонија во Механизмот на ЕУ за владеење на правото, кој ќе обезбеди јасна патека за следење и оценување на нашиот напредок кон усогласување со стандардите на ЕУ, осигурувајќи дека ги исполнуваме демократските одредници и одредниците за владеење на правото неопходни за членство во Унијата.
„Нашето вклучување во Механизмот на ЕУ за владеење на правото означува критичен чекор во нашата забрзана интеграција во Европската Унија. Гледајќи напред, бараме целосно учество на земјите кандидати во овој механизам, вклучително детални препораки и мониторинг, што ќе придонесе за брзо усогласување со европските стандарди. Ова не само што ќе ја подобри нашата рамка за владеење на правото, туку и ќе ја олесни подлабоката интеграција во европскиот систем на економско управување – два процеса кои мора испреплетено да се одвиваат“, истакна Муртезани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.
Македонија
Муцунски на состанок на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес

Денеска и утре во Белфаст ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, на кој ќе учествува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Министрите ќе дискутираат за прашања поврзани со европската безбедност, помирувањето, регионалната и европската интеграција, како и за справувањето со нелегалната миграција, во контекст на процесот на проширување на Европската унија.
На состанокот ќе учествуваат министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан и земјите–членки на Европската унија вклучени во Берлинскиот процес.
На маргините од настанот, Муцунски ќе оствари и повеќе билатерални средби.