Македонија
Муртезани: Посетата на Париз во знак на продлабочување на партнерството со Франција
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ја заокружи својата дводневна работна посета на Француската Република со низа значајни средби посветени на проширувањето на Европската Унија, билатералната соработка со Франција, како и регионалните и геополитичките случувања, во контекст на европската безбедност.
Денеска во Париз, министерот Муртезани имаше состанок во Институтот „Жак Делор“, каде со Бенжамен Куто, истражувач специјализиран за европската политика за проширување со фокус на Западен Балкан и Турција, со Рене Трока – специјален пратеник за Западен Балкан и со Маргерит Коста де Боргар – раководителка на Одделот за Западен Балкан во Министерството за Европа и надворешни работи се разговараше за тековните геополитички предизвици, кредибилитетот на политиката на проширување на Унијата и потребата од зајакнување на европската перспектива на регионот преку поконзистентна поддршка и видливост на реформските процеси.
Муртезани ја потенцираше важноста од вклучување на експертската и академската заедница во обликувањето на јавниот дискурс за проширувањето, како и улогата на Институтот „Жак Делор“ во зајакнувањето на разбирањето за европската агенда на регионот.
Во рамки на посетата, Муртезани оствари и средба со Лилијана Танги, пратеничка во Националното собрание на Франција и припадничка на француската парламентарна група за пријателство со Северна Македонија, при што беше истакната важноста на парламентарната поддршка за европската интеграција на земјата, како и потенцијалот за унапредување на билатералната соработка на парламентарно ниво.
На средбите со извршниот директор на „Експертиз Франс“, Жереми Пеле и директорот за Европа при Француската агенција за развој (AFD), Сирил Белје, беа разгледани можностите за натамошно унапредување на соработката преку мобилизирање на финансиски инструменти и грантови достапни преку AFD, PROPARKO и Expertise France, како и во согласност со билатералниот договор потпишан меѓу двете влади во 2021 година. Особено беше нагласена важноста на програмите за институционално јакнење и развој на човечки ресурси, како што е „Formacion Administrative Superior“ (FASP), во подготовката на јавната администрација за спроведување на европските стандарди и регулативи.
Со овие средби се заокружува агендата на посетата која започна со билатерални разговори со министерот задолжен за Европа при француското Министерство за Европа и надворешни работи, Бенжамен Хадад, Емануел Пуизе-Жовен – генералниот секретар за европски прашања при Кабинетот на премиерот на Франција, како и претставници на француските институции вклучени во европските и билатералните програми за поддршка.
„Посетата на Париз ја реафирмираше заложбата за продлабочување на француско-македонското партнерство и отвори нови перспективи за конкретна соработка во рамки на европската интеграција, развојната агенда и регионалната стабилност“, соопшти Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.

