Македонија
Муртезани се сретна со бугарскиот амбасадор: истакната важноста од консолидација на заемната доверба и соработка

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска оствари средба со новименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Бугарија во Северна Македонија, Жељаско Радуков.
Министерот Муртезани изрази надеж за успешни парламентарни избори во Бугарија, гледајќи ги како важен чекор за унапредување на билатералните односи преку продлабочување на заемната доверба. Исто така, тој ја нагласи силната посветеност на Владата кон европската агенда и нејзините активни напори за постигнување достоинствено решение во контекст на исполнување на потребните услови за забрзување на процесот кон полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија, соопшти Министерството.
Муртезани и Радуков ја истакнаа важноста од консолидација на заемната доверба и соработка, особено во контекст на евроинтегративниот процес, на кој треба да се гледа како на заеднички стратешки приоритет.
Разговорот го потенцираше ангажманот за конструктивен и транспарентен дијалог со цел унапредување на добрососедските односи и решавање на заедничките предизвици во духот на соработка и партнерство, се додава во соопштението на Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Влен: Бујар Османи и во МНР спроведувал сомнителни и криминални тендери!?

Државниот завод за ревизија јавно потврди тоа што граѓаните одамна го знаат, дека Министерството за надворешни работи, во време кога министер беше Бујар Османи, спроведувало незаконски тендери поврзани со организацијата на самитот на ОБСЕ во 2023 година, велат од Влен преку соопштение.
„Според ревизорскиот извештај: Потрошени се над 120 милиони денари без јасна евиденција; Не постои документација што точно е испорачано, инсталирано или оставено како трајна опрема во СРЦ „Борис Трајковски“; Договорите и јавните набавки биле спроведувани без транспарентност и со сериозни законски пропусти.
Ова е уште една потврда дека Бујар Османи, каде и да оди, зад себе остава сомнителни и криминални тендери!
Ова не е изолиран случај, истиот Бујар Османи беше осомничен од СЈО за сомнителни набавки уште кога беше министер за здравство во владата на Никола Груевски.
Граѓаните на Чаир добро знаат две работи за Бујар Османи: Прво, никогаш ништо не направил за Чаир, ниту еден проект, ниту една инвестиција, ниту една иницијатива. Второ, секогаш кога бил на функција, се поврзувал со скандали, сомнителни тендери и злоупотреби на јавни пари!“, велат од „Влен“.
„Влен“ додава дека Чаир не заслужува човек чие име се повторува во секој извештај за криминал и злоупотреба.
Македонија
Надлежните со препораки до граѓаните поради најавата за температури до 39 степени во периодот до 13 август

Министерството за здравство информира дека според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои на некои места ќе достигнат и до 39 степени Целзиусови.
Поради тоа, Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотен удар: престој во разладени простории, внесување на доволно течности, избегнување на алкохол и засладени пијалаци, носење лесна и светла облека, како и ограничување на физичката активност во најтоплите часови.
Особено внимание треба да се посвети на ризичните групи — деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени.
Во случај на појава на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш треба да се побара медицинска помош.
Министерството ја следи состојбата и ќе постапува според потребите.
Според најавата на УХМР, времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северероисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 37 степени.
Македонија
Четири различни цени за паркинг во Клинички, просторот ќе се прошири двојно

Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека во Клиничкиот центар ќе има четири различни влезови со различни ценовници за паркирање – бесплатен за онколошки пациенти, поевтин за пациенти со упат, поскап за вработените и најскап за граѓаните кои доаѓаат по други причини. Договорот за управување со паркингот ќе го потпише Министерството со ЈП Градски паркинг.
Се најавува и оптимизација на паркинг просторот, со дупло повеќе места и дополнителни влезови, вклучувајќи и еден кај Кардиологија. Ќе се воведе 24-часовен мониторинг со камери и нов систем за следење на плаќањето и активностите. Доколку оптимизацијата не биде доволна, ќе се размислува за изградба на катна гаража.