Македонија
Муртезани се сретна со еврокомесарот Вархељ: нагласена цврстата посветеност на Македонија кон процесот на пристапување кон ЕУ
Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, со средба со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархељ, утрово ја почна својата прва работна посета на Брисел.

Разговорите беа фокусирани на тековниот евроинтегративен процес и на чекорите што претстојат за понатамошен напредок. Министерот Муртезани ја нагласи цврстата посветеност на Северна Македонија кон процесот на пристапување кон ЕУ, како и подготвеноста на земјата да се усогласи со стандардите на Унијата. Комесарот Вархељ го поздрави придонесот на Владата во контекст на интензивните подготовки за планот за раст на ЕУ за земјите од Западен Балкан, истовремено потенцирајќи ја потребата од брзо преминување на следната фаза – исполнување на одредниците (бенчмарк) за отворање на првиот кластер. Тој нагласи дека ЕУ останува посветена на поддршката на Северна Македонија во надминување на преостанатите предизвици на нејзиниот европски пат, особено преку техничка и финансиска помош за продлабочување на институционалните реформи, извести Министерството за европски прашања.

Една од централните теми на состанокот беа и уставните амандмани за кои Муртезани информира дека е потребно да се создаде соодветна политичка клима и јавна поддршка за овие промени, а истовремено ја нагласи подготвеноста на Владата за конструктивен дијалог со Бугарија.
Беа разменети мислења и информации и за планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој претставува клучен механизам за зголемување на инвестициите и зајакнување на економската отпорност на земјите од регионот. Вархељ ја поздрави активната улога на Северна Македонија во регионалните иницијативи и нејзиното усогласување со стратешката агенда на ЕУ за 2024 – 2029 нагласувајќи ја континуираната европска поддршка, особено во области што се клучни за трансформацијата на Северна Македонија: владеење на правото, реформи во јавната администрација и борба против корупцијата. Муртезани истакна дека е важно овие реформи не само да се имплементираат туку и да бидат длабоко вкоренети во општествените секојдневни текови.

Во однос на добрососедските односи, Муртезани повторно ја нагласи посветеноста на Северна Македонија кон нивно зајакнување и продлабочување истакнувајќи дека овие односи се фундаментални за регионалната стабилност, економскиот просперитет, но и за кредибилитетот на Унијата. Министерот Муртезани ја реафирмира подготвеноста за решително дејствување во контекст на следните чекори поврзани со европското досие на земјата, суштински работејќи на реформите како би се обезбедил стабилен напредок во исполнувањето на стратешката цел на Владата – членство во Европската Унија, се наведува во соопштението на Министерството за европски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

