Македонија
Мухамед Зеќири осомничен за злоупотреби во Владата, се бара притвор
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и еден македонски владин функционер. „Макфакс“ дознава дека се работи за генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири.
„Според опишаните дејствија во наредбата, постои основано сомнение дека првоосомничениот – висок функционер во Владата во својство на службено лице сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. ст.3 в.в. ст.1 од КЗ на РМ, за што му помогнале останатите двајца осомничени“, велат од Обвинителството.
Како што се наведува, во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на буџетот на Р Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.
Ценејќи дека постои реална опасност осомничените да се дадат во бегство, дотолку повеќе што двајца се странски државјани, ако се има предвид кривичното дело што им се става на товар, како и опасност доколку осомничените се бранат од слобода да ги уништат трагите или да влијаат врз потенцијалните сведоци или да го повторат делото, јавниот обвинител до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерка притвор за тројцата осомничени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Исмаил: Наместо во оружје, да инвестираме во градинки – власта го одби амандманот на Левица
Во рамки на амандманската расправа за Буџетот за 2026 година, во собраниската Комисија за финасирање и буџет, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, побара голем дел од 100 милиони евра планирани за купување на оружје да се пренасочат кон проширување на капацитетите, како просторни така и кадровски, за згрижување деца од предучилишна возраст.
„Состојбата е ужасна. Проценките се дека 4000 деца чекаат за упис во градинки во Скопје. Во групите има по 35-40 деца со само една негувателка. Тоа е неприфатливо“, истакна Исмаил.
Средствата што треба да се пренаменат со амандманот ги предлага во две ставки во Министерството за социјална политика. Една е во делот за пренесување на трошоците во делот на единиците на локална самоуправа, а другата во капитални расходи за изградба и одржување на објекти.
„Конечно треба да се направи баланс помеѓу социјалната потреба во општеството, како што е овој со згрижување на деца од предучилишната возраст и она што го имате предвидено за купување на оружје“, порача Исмаил укажувајќи на фактот дека долги години државата го занемарува проблемот со јавните градинки.
Тој посочи дека голем број родители се принудени да ги носат своите деца во приватни градинки иако цените таму се значително повисоки. „ На овој начин вие го поттикнувате приватниот бизнис во оваа јавна услуга. Тоа не е фер за социјална држава како нашата, со држава која што исто така има сериозен проблем со демографијата“. Исто така истакна дека државата треба да ги охрабрува младите семејства, а не да ги оптоварува, велат пд партијата Левица.
„Ние наместо да ги стимулираме младите брачни парови дека нивните деца ќе бидат згрижени во државните градинки, ние практично ги дестимулираме да оформат семејство и да имаат новородени деца. Сметам дека овој амандман ќе придонесе за сериозно да се зафатите и да изградите поголем капацитет во оваа област“, заврши Исмаил.
Македонија
Голема полициска акција: претреси во Скопје, Куманово и на други локации
Во координација со Основното јавно обвинителство Скопје во тек е полициска акција со претреси во Скопје, Куманово и на други локации, поради сомненија за кривично дело злоупотреба на службена должност.
Обвинителството најави повеќе информации по завршување на акцијата.
Македонија
Поради одрон во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Ресен- Граничен премин Стење
Денеска од 07:55 часот, поради одрон на патот помеѓу селата Царев Двор и Отешево, во прекин е сообраќајот во двата правци на регионалниот пат Ресен – Граничен премин Стење.
„Апелираме до граѓаните да не се упатуваат кон овој пат, а надлежните институции преземаат мерки и активности за чистење на патот и нормализирање на сообраќајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена“, велат од МВР.

