Македонија
Муцунски ги прими копиите од акредитивни писма на новоименуваниот Амбасадор на Француската Република, Кристоф Ле Риголер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Француската Република во Скопје, Кристоф Ле Риголер.
Посакувајќи му на амбасадорот Ле Риголер срдечно добредојде и успешна дипломатска мисија, министерот Муцунски изрази задоволство од досегашниот политички дијалог и изрази уверување дека и во претстојниот период двете држави посветено ќе работат на натамошно динамизирање на секторската соработка и интензивирање на меѓусебната поддршка во различните мултилатерални формати, извести Министерството.

Во оваа прилика, министерот Муцунски изрази благодарност за активниот ангажман и поддршката на Француската Република во рамките на евроинтегративните процеси на нашата земја и искажа интерес за продлабочување на билатералната соработка на економски план во периодот кој следи.

Амбасадорот Ле Риголер, заблагодарувајќи се на топлиот прием, истакна дека Француската Република високо го цени нашиот придонес кон стабилноста и просперитетот на целиот регион и останува посветена на натамошниот развој на билатералните односи, врз основа на традиционалното пријателство, меѓусебната доверба и остварените постигнувања во повеќе области, соопшти Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

