Македонија
Муцунски на состанок во Тирана: Одложувањето може сериозно да го наруши кредибилитетот на ЕУ во регионот
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ) во Тирана, кој се одржа во рамките на албанското претседавање со иницијативата.
Фокусот на состанокот беше ставен на проширувањето на Европската Унија во светло на новите геополитички околности и руската агресија врз Украина, чии последици се рефлектираат како на регионалната, така и на глобалната безбедност и стабилност. Министрите ја потврдија улогата на ЦЕИ како важна платформа за ефективно решавање на регионалните предизвици и зајакнување на соработката во областите од заемен интерес.
Во своето обраќање, министерот Муцунски нагласи дека регионалната соработка е клучен модел за поттикнување на процесот на европска интеграција, кој е од суштинско значење за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој истакна дека одложувањето на процесот на проширување може сериозно да го наруши кредибилитетот на Европската Унија во регионот.
„Стравот од уште еден потенцијално долг и непредвидлив процес само дополнително ја зголемува фрустрацијата кај нашите граѓани. Со многу непознати околу обемот и времето на претстојните пристапувања, секое понатамошно одложување би имало катастрофално влијание врз кредибилитетот на ЕУ во регионот,“ потенцираше министерот Муцунски.
Министерот се осврна и на улогата на ЦЕИ, важноста на регионалната соработка, силното партнерство во рамките на НАТО Алијансата и поддршката за Украина.
„Целосно сме посветени на интензивирање на соработката, не само на меѓувладино и парламентарно ниво, туку и помеѓу нашите невладини организации, младите, научните институции, деловните заедници и локалните власти,“ додаде министерот, акцентирајќи ја потребата од заеднички напори за натамошно зајакнување на соработката во рамките на ЦЕИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

