Македонија
Муцунски на средба со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, на маргините на Делфи економскиот форум во Грција, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Грција, Јоргос Герапетритис.
„Средбата претставува важен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и значително унапредување на заемните дипломатски односи. Во оваа прилика, министерот Муцунски упати искрена благодарност за промптната медицинска помош што Грција ја обезбеди за дел од повредените во трагедијата во Кочани, оценувајќи го овој чин како силен гест и одраз на вистинско пријателство меѓу двете соседни земји“, соопшти МНР.
Двајцата министри ја нагласиле заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка – преку интензивиран политички дијалог, приоритетно поврзување во сферата на инфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Власта да ги објави бројките и да го разреши Трипуновски
Откако скандалот кој го најави СДСМ се потврди, денес е време власта да почне да одговара на клучните прашања кои ги засегаат и земјоделците и јавноста, но и време е конечно да видиме оставка од Трипуновски кој три дена се крие од јавноста, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Јавноста и граѓаните треба да знаат дека ИПАРД средствата кои се сега суспендирани се доделуваат како 50% грант за земјоделците, а 50% тие сами обезбедуваат за секој проект. Ова значи дека сите оние кои досега веќе започнале со инвестицијата веќе вложиле свои средства или средства од кредити за половина инвестиција а сега остантите 50% заради корупцијата на власта нема да им бидат исплатени и не се знае кога и дали ќе бидат воопшто исплатени. Прво прашање што мора да го одговори итно власта е: Колку корисници веќе имаат потпишано договори и имаат вложено свои средства? Што ќе преземе владата за да ги заштити овие луѓе бидејќи е јасно дека заради корупцијата на луѓето на Трипуновски и Мицкокси тие се оштетени“, рече Кузеска.
Таа кажа дека ваквите суспензии може да траат две до три години, а прашање е дали воопшто ИПАРД програмата по ваков скандал ќе продолжи.
„СДСМ бара итно објавување на сите документи и извештаи поврзани со програмата IPARD, бројот на корисници и извештај за ризикот кој е настанат како резултат на корупцијата и итна оставка од Трипуновски и сите назначени лица кои биле дел од овој процес кои може да бидат компромитирани“, рече Кузеска.
Македонија
Општина Центар додели 48 спортски стипендии
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на отворањето на Лига Центар за учебната 2025/2026 година, додели 48 спортски стипендии на ученици од основните училишта во општината, како признание за врвните резултати постигнати во различни спортски дисциплини.
Стипендиите се доделуваат во три категории, во износ од 2.500, 3.000 и 3.500 денари, и се исплаќаат во текот на осум месеци од учебната година. Добитници се учениците што се истакнале како најдобри стрелци, играчи и голмани во Лига Центар, како и оние кои постигнале исклучителни резултати во пливање, карате, гимнастика, тенис, џудо, скијање, триатлон, мечување и бадминтон.
Герасимовски, честитајќи им на младите спортисти, истакна дека локалната самоуправа континуирано вложува во создавање подобри услови за спорт и физичка активност на младите.
„Во програмата за наредниот период предвидуваме изградба на два нови покриени базени, едниот токму во ова училиште, „11 Октомври“, а вториот во ООУ „Димитар Миладинов“. Учениците од Центар ќе имаат уникатна можност пливањето да стане дел од наставната програма. На тој начин, децата ќе стекнуваат здрави спортски навики уште од рана возраст, што ќе придонесе за развој на физичката активност и правилен раст и развој,“ изјави Герасимовски.
Македонија
СДСМ: Мицкоски лаже – исплатите од ИПАРД не ги стопира тој, туку европскиот механизам за финансиска контрола
Смешни се изјавите на Христијан Мицкоски дека наводно по негово барање биле стопирани исплатите од ИПАРД 3. Исплатите од ИПАРД не може, ниту законски, ниту процедурно, да ги стопира ниту претседател на влада, ниту министер, ниту партија, велат од СДСМ.
„Тоа го прави Националниот овластен службеник за авторизација (НОА), институција што делува во рамки на Министерството за финансии, но работи независно, според европски пропишани правила и стандарди. Тоа значи дека НОА не постапува по налог на Владата или на Мицкоски, туку исклучиво по сигнал од Европската комисија или по внатрешна проценка за ризик на системот за контрола на исплатите. Мицкоски, обидувајќи се да се спаси од политичка одговорност, се поставува како „контролор“ на европски пари, а тоа е апсурд кој ја покажува неговата некомпетентност и паника“, велат од партијата.
Од СДСМ велат дека ИПАРД 3 е суспендиран затоа што Агенцијата за доделување на ИПАРД е компромитирана со корупција, злоупотреби и партиски влијанија.
„Апсењето на директорот и неговите блиски соработници, поставени токму од Мицкоски и министерот Трипуновски, е директна причина за активирање на механизмот на суспензија. НОА постапува за да ги заштити европските средства од понатамошна злоупотреба. Мицкоски не може да го претстави тоа како сопствена одлука, затоа што ова е санкција од европскиот систем на контрола – не успех на Владата, туку доказ за нејзин неуспех“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека ова е втор пат во последните 15 години кога програмата ИПАРД се суспендира, и двата пати кога ВМРО-ДПМНЕ ја води Владата.
СДСМ повикува на одговорност и оставки. „Државата не смее повторно да биде понижена од партиски експерименти и корупциски шеми кои ја уништуваат довербата на ЕУ во институциите“, велат од таму.

