Македонија
Преку онлајн-игра тестирајте се дали сте кандидат за контролор на летање
„Македонската навигација“ (М-НАВ) ги повикува сите заинтересирани полнолетни лица на возраст до 25 години да се пријават за една од најценетите, но и најодговорни професии – контролор на летање.
Со порастот на бројот на летови и прелети на нашето небо се зголемува и потребата од нови кадри во одделот кој е најдиректно одговорен за безбедноста и контролата на воздушниот сообраќај во Македонија. За таа цел, во тек е процесот на регрутација и селекција на кандидати за обука за контролори за летање.
Покрај старосната граница до 25 години (да не наполниле 26), кандидатите треба да имаат завршено средно образование и да имаат потврда за знаење aнглиски јазик најмалку на ниво Б2.
Освен навремената и комплетна апликација, еден од најважните услови е полагањето на FEAST-тестот на „Еуроконтрол“ (www.feast.info) за проверка на специфичните способности и вештини неопходни за оваа професија. Доколку го поминат овој тест, успешните кандидати може да продолжат во натамошните фази на изборот сè до склучувањето на договорот за обука и финална селекција за оваа професија. Деталите за условите и огласот можете да ги видите ТУКА, а рокот за поднесување на документите е 12 септември.
Специфичните вештини и предиспозиции за оваа кандидатите може да ги откријат и преку онлајн-игрите на https://www.nats.aero/careers/trainee-air-traffic-controllers/games/, а за проверка на знаењето на англискиот јазик, кој е воедно и официјалниот јазик за комуникација во авиосообраќајот, тука е бесплатниот прелиминарен е-тест преку линкот http://www.cambridgeenglish.org/test-your-english/.
Успешните кандидати во сите фази на претселекцијата (т.е. по положување на FEAST-тестот, здравствениот преглед и интервјуто со изборната комисија) се упатуваат на обука за контролори за летање по чие успешно завршување, стануваат дел од М-НАВ како контролори на летање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Царината заплени околу три илјади парчиња стока: облека со потпис на заштитени трговски марки, алкохол, електронски цигари, автоделови
На граничните премини Блаце, Табановце, Богородица и Ново Село царинските службеници и мобилните тимови запленија речиси три илјади парчиња стока, меѓу која алкохолни пијалоци, електронски цигари, облека со потпис на заштитени трговски марки, и автоделови пронајдени во возила, автобуси и товарни моторни возила. Против сторителите се водат посебни постапки.
На граничен премин Блаце запленети се повеќе од 700 парчиња разна стока, меѓу која играчки, парфеми, козметика и мебел.
Вкупно 600 парчиња разна стока, во најголем дел играчки се пронајдени во фабрички шуплини на комбе, управуван од македонски државјанин.
Во друг случај откриени се вкупно 143 парчиња парфеми и козметика пронајдени под патосниците на задните седишта како и во багажниот простор на автомобил управуван од македонски државјанин.
Во товарно возило кое на влез во државата е пријавено како празно, царинските службеници открија вкупно три парчиња гарнитури мебел.
Царинските службеници на граничниот премин Табановце во текот на изминатите денови, во три одделни случаи запленија 26 шишиња алкохолни пијалоци, над 200 парчиња електронски цигари и уред за авто-дијагностика. Дополнително, мобилен царински тим откри и спречи обид за шверц на осум сета воздушни и водни пумпи со соларен панел, наменети за фонтани и аквариуми.
Во првиот случај, 26 шишиња алкохолни пијалоци со проценета вредност од околу 30 илјади денари биле пронајдени во автомобил со германски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин. Лицето не ја пријавило стоката со цел да избегне плаќање царински давачки во износ од околу 7 илјади денари.
Во вториот случај, царинските инспектори пронашле 209 парчиња електронски цигари во две торби на патник кој патувал со автобус на релација Брисел – Скопје.
Третиот случај се однесува на уред за авто-дијагностика, откриен во автомобил со привремени германски таблички, управуван од македонски државјанин.
Во посебен случај, Службата за мобилен скенер при контрола на товарно моторно возило откри осум сета водни и воздушни пумпи со соларен панел.
На граничниот премин Богородица, при контрола на стока во транзит, мобилни тимови запленија 1.200 парчиња безжични контролери за Sony PlayStation и 650 парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки. Запленетата стока е одземена поради сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост.
На граничниот премин Ново Село, царинските службеници запленија автоделови кои биле пронајдени во автомобил управуван од македонски државјанин. Стоката е запленета, а против сторителот е поведена соодветна постапка.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски по дебатата со Мециновиќ: Скопјани сакаат дела и резултати
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО–ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, по синоќешната дебата со опонентот од Левица, Амар Мециновиќ, објави порака со благодарност до граѓаните, истакнувајќи дека скопјани бараат човек кој ќе ги решава проблемите.
„Благодарам од срце за огромната поддршка! Се покажа дека скопјани бараат човек кој ќе ги решава проблемите, дека сакаат дела и резултати. Заедно ќе направиме многу за Скопје. Уште од првиот ден — работа, посветеност и одговорност кон граѓаните. Благодарам, Скопје!“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
Двајцата кандидати, Ѓорѓиевски и Мециновиќ, ќе се соочат во вториот изборен круг на 2 ноември.
Македонија
Мециновиќ по дебатата: Ова е генерациска борба на непривилегираните
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, по вчерашната прва дебата со неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на социјалните мрежи им се заблагодари на граѓаните за поддршката и ја опиша кампањата како генерациска борба:
„Скопјани, ви благодарам од сѐ срце неизмерно за целосната поддршка и сите пораки!
Ова е генерациска борба! На сите непривилегирани и отфрлени, сите намачени и потиснати, од семејства со еден родител и семејства кои ја живеат агонијата на ова време кое е наменето за НИВ не за НАС!
Отчукуваат последните мигови на нивното време, сега сме ние на потег!” – напиша вчера Мециновиќ на социјалните мрежи.

