Македонија
Над 300.000 денари казна за четири фирми кои продавале леб по поскапа цена

Државниот пазарен инспекторат казни три фирми од Скопје и една Куманово поради продажба на леб по цена поскапа од 33 денари.
Александра Котели од ДПИ вечерва соопшти дека контроли биле извршени на десетици локации во секој град од државата, пришто биле воочени непочитувања на одлуката за замрзнувањето на цената на лебот.
„Направени се записници и изречени се парични казни од над 300.000 денари. Казните се многу високи, согласно законот за трговија, па и законот за заштита на потрошувачите, се движат од 500 до 10 000 евра по правен субјект или од 50 до 500 евра за одговорното лице“, изјави Котели.
Рече дека лебот е производ кој е неопходен во секојдневниот живот на граѓаните, па затоа апелираат на почитување на одлуката за цените.
Државниот пазарен инспекторат претходно денес образложи дека примарна цел на одлуката е сузбивање на профитерството во време на криза, и залагање за солидарност. Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран, нагласија од пазарната инспекција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР со апел до граѓаните: да не отвораат линкови од СМС пораки, можат да бидат цел на криминални групи

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, ги информира граѓаните дека во изминатиот период се забележани зголемен број случаи на испраќање лажни SMS пораки кои лажно се претставуваат во име на телекомуникациски оператори.
„Овие пораки содржат линкови до лажно дизајнирани веб – страници со цел да ве наведат да внесете лични или финансиски податоци, кои потоа можат да бидат злоупотребени од страна на криминални групи.
Апелираме до сите граѓани да бидат крајно внимателни и да постапуваат одговорно: Не отворајте линкови од сомнителни испраќачи;
Не внесувајте лични податоци на непроверени страници;
Не одговарајте на вакви пораки;
Пријавете го случајот во најблиската полициска станица;
Блокирајте го бројот на испраќачот.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јуни 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 04 Јули 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
04.07.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
07.07.2025 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Македонија
Тошковски и Дачиќ: One Stop систем за побрз проток и помалку чекање на граѓаните

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ денеска на граничниот премин Табановце – Прешево го промовираа почетокот на One Stop системот на заеднички контроли на граничниот премин со што се овозможува побрз транспорт на луѓе, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.
Почетокот на овој систем на заеднички контроли симболично беше означен со потпишување на Протоколот за извршување на гранични проверки на гранични премини кои го потпишаа двајцата министри на настанот. Воедно денес беше потпишан протокол за соработка за време на летната и зимската туристичка сезона кој го регулира меѓусебното испраќање на полициски службеници за помош на туристичките места и настани во зависност од потребите, што веќе функционира во годините наназад.
„Она што го ветивме го остваруваме на дело. На почетокот на оваа летна сезона, воведуваме заеднички систем на гранична контрола, кој што треба да овозможи побрз проток и помалку чекање на нашите граѓани. Денес официјално започнуваме со употребата на One Stop системот и сигурен сум значително ќе се намали времето на чекање и ќе се забрза трансферот на патници на нашите граници. Денес беше потпишан и протоколот за размена на полициски службеници во рамки на туристичките центри каде што имаме потреба во рамки на туристичките сезони“, потенцираше Тошковски.
„Целта на оваа соработка е поедноставување на комплетните процедури на граничните проверки така што полициските службеници на земјите ќе бидат овластени освен за граничните проверки на својата земја да ги извршат и проверките и за излезните гранични проверки. Едноставно воспоставуваме One Stop контрола и тоа на местото на влегувањето во државата. Со тоа едно застанување се избегнува непотребното задржување на патниците на излез. Ова е голем чекор напред посебно кога се однесува за големите празници или летната сезона која голем број луѓе ги минуваат границите“, образложи Дачиќ.
Воедно двата министри разговараа за дефинирање на соработка во вонредни ситуации како пожари за взаемно помагање и користење на ресурсите со кои располагаат двете страни при такви ситуации.