Македонија
Намалена видливоста на планинскиот премин Ѓавато поради појава на магла

Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози, освен на осојничавите места, каде што коловозите се влажни, а поради појава на магла на планинскиот премин Ѓавато, како што информираат од Авто мото-сојузот на Македонија, видливоста е намалена до 100 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, велат од АМСМ, и додаваат дека на граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
„АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се наместа влажни, па поради ниските температури карактеристични за вечерните и утринските часови, постои можност и од појава на голомразица“, се вели во нивното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ем шуто, ем боде“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на најавата на СДСМ

„ВМРО-ДПМНЕ има одговор до СДС за овие нивни обиди за спас на нарачателите и организаторите на следењето на опозицијата, и за дефокус на јавното мислење од нивните злодела, недемократско и забегано однесување на власт“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на најавата на СДСМ.
„Тоа е власт која додека крадела и пљачкала, правела предавства и ги уништувала институциите како што правеа тие и ДУИ, ја држела опозицијата тогашна ВМРО-ДПМНЕ под присмотра и ја следеле базирано на фабрикувани основи.
Одговорот е, ем шуто ем боде. Македонија нема да ви прости! Македонија памети и нема да ви заборави“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Најголеми виновници за Вардариште и загушеното Скопје се Мицкоски и неговите градоначалници“, велат од СДСМ

„Скопје денеска буквално се гуши поради неспособноста на власта и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Најголем симбол на таа неспособност е дивата депонија Вардариште, извор на загадување и закана по здравјето на над 150 илјади граѓани од Аеродром и Гази Баба“, велат од СДСМ.
„Виновни за оваа катастрофална состојба и загушеното Скопје се Мицкоски и неговите градоначалници. Четири години двајца градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, не ги исполнија ветувањата и не најдоа решение за една дива депонија. Четири години ветувања кои се покажаа како големи лаги, а резултатот е чад и опасност за здравјето за скопјани.
Орце Ѓорѓиевски, наместо решенија ги манипулира скопјани.
Доста беше лаги и неспособност. Време е за вистински решенија кои ги има СДСМ и Каја Шукова, време е Вардариште да стане безбедна локација а не еко-бомба под прозорите на скопјани“, соопшти СДСМ.
Македонија
Нема активни пожари низ државата, под контрола е еден

Во последното деноноќие, до 07:00 часот утрово на територијата на Македонија имало вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни нема, под контрола е еден пожар, а изгаснати се седум пожари, извести Центарот за управување со кризи.
Како што извести ЦУК, под контрола е пожарот во општина Гевгелија – планина Кожуф (приземен пожар).