Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла има, 20 – 30 метри од Тетово до село Гајре, Делчево – 50 метри и Страцин – 100 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Новата Стратегија за образование ќе обезбеди континуитет на започнатите ефективни промени во ресорот
Образованието е скапа работа. Но, вредноста на квалитетот е поголема од било која цена и затоа Владата на Македонија останува фокусирана на сите промени што мора да се случат до конечната цел, затоа што друга алтернатива за нас не постои. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на работилницата што Министерството за образование и наука ја организираше со повеќе други институции и партнерски домашни и меѓународни организации со кои ја изработува новата Стратегија за образование 2026-2032.
Започнавме реформски процеси во сите образовни сегменти, одеднаш и паралелно, бидејќи застојот беше очигледен. Тоа ни го потврдуваат ПИСА и ТИМСС, Шангајската ранг-листа, извештаите на Европската комисија и други релевантни анализи. Но, веќе година и половина, со силен ентузијазам, спроведуваме програмски определби кои ги даваат првите резултати, а за целосна ефективност мора да постои континуитет. Тој континуитет ќе биде обезбеден со новата Стратегија за образование“, рече Јаневска.
Изрази благодарност до сите што учествуваат во изработката на стратешкиот документ и рече дека до крајот на месецот има можност некој аспект да биде надополнет или подобрен со идеја што, како што рече, ќе дојде од некој што досега не бил дел од процесот на изработка.
„Стратегијата треба да ја подигне инклузивноста, дигиталната и медиумската писменост, грижата за менталното и физичкото здравје на младите, да ја засили поддршката за наставниците и да го поттикне развојот на нивните компетенции за современа настава според глобалните образовни стандарди. По усвојувањето следува потешкиот дел – имплементација и мерење на постигнувањата. Затоа, енергијата што досега ја имавме треба да ја задржиме на исто ниво, а Владата ќе се погрижи да ги обезбеди сите потребни ресурси за спроведување на предвидените мерки, проекти и активности“, рече Јаневска.
На денешната работилница за изработка на Стратегијата за образование 2026-2032 учествуваа и претставници на УНИЦЕФ, УНДП; Светската банка, ГИЗ, академската и научна фела, како и претставници на бизнис заедницата.
Македонија
Филков: Во континуитет ги усогласуваме законите со европските стандарди и препораките на Венецијанската комисија
Министерот за правда Игор Филков денес учествуваше на одбележувањето на значајниот јубилеј по повод 90-тата средба на правниците, организирана од Македонското здружение на правници.
Обраќајќи се пред присутните правни експерти, професори, судии, обвинители, адвокати и млади правници, министерот Филков истакна дека оваа традиција претставува мост меѓу правната наука и практиката, меѓу различните правни професии и генерации кои веруваат во моќта на правото како темел на демократијата и општествениот поредок.
,,Граѓаните денес бараат правосудство што е ефикасно, непристрасно и достапно. Бараат судски одлуки што доаѓаат на време, обвиненија што се темелат на факти и докази, а не на претпоставки, институции што работат за јавниот интерес, а не за поединци. Како Министерство за правда, сме целосно посветени на остварување на овие очекувања. Затоа ги започнавме реформите во судството, во Судскиот совет, во Советот на јавните обвинители и Јавното обвинителство. Во континуитет ги усогласуваме законите со европските стандарди и препораките на Венецијанската комисија – за што добивме позитивни коментари од истата, со препораките на ГРЕКО и Европската комисија. Тоа е сеопфатен процес што би сакале да се воспостави како пракса отсега па натаму. Но, реформите не се само закони – реформите се луѓе. Законот може да биде одличен, но ако нема интегритет, знаење и одговорност кај оние што го применуваат – тој останува само буква на хартија”,рече Филков.
Ја истакна и важноста на вклучувањето на младите правници, кои не се само „иднината“, туку „сегашноста што доаѓа“.
„Наша должност е да им дадеме знаење, алатки и пример за чесност, професионализам и служба на правдата,“ додаде министерот, повикувајќи на отворена дискусија за новите предизвици што ги носи дигиталната ера – од заштитата на човековите права до примена на вештачката интелигенција во правосудството.
Македонија
Во Радишани се гради потпорен ѕид за заштита од одрони
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, денес изврши увид во изградбата на потпорниот ѕид на улица 50 во населбата Радишани.
Проектот се реализира поради појавата на одрони и пропаѓање на дел од улицата, што го наметна итниот почеток на санацијата. Новиот потпорен ѕид ќе обезбеди поголема сигурност за домовите на граѓаните и ќе спречи можни лизгања на земјиштето.
Од Општина Бутел информираат дека станува збор за едно од најчестите барања на жителите на Радишани, кое конечно се реализира, и покрај проблемите со техничката документација.

