Македонија
Намалена видливост поради магла на повеќе патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива по зимски услови, по претежно суви коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 100 метри има на патните правци Демир Капија – Неготино, Катланово – Скопје, Скопје – Катланово, Скопје – Куманово, Куманово – Скопје и Струга – Охрид, од 30 – 50 метри на патниот правец Обиколница Скопје (од клучка Хиподром – Сарај), од 100 – 150 метри на патниот правец Македонски Брод – Кичево и до 50 метри на планинскиот превој Буково.
Сите патни правци во државата се проодни, без забрани и ограничувања.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Погодена зграда во Киев кадешто се наоѓа Амбасадата на Македонија, МНР го осуди рускиот напад
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува денешните ракетни напади на руската армија врз Киев.
„Воедно, информираме дека при нападот е погодена и критичната инфраструктура во Голосеевскиот реон, вклучително и зградата каде што се сместени шест амбасади, меѓу кои и Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев.
При нападот нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата.
Од страна на надлежните служби извршен е првичен преглед на штетите на лице место и веќе се работи на нивно санирање“, соопшти МНР.
Македонија
Членовите на Судскиот совет Данка Ристова и Аритон Ала дадоа свечена изјава
Во Охридската сала на Собранието, Данка Ристова и Аритон Ала, членови на Судскиот совет, дадoa свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Изборот на Ристова, која е судијка на штипска апелација, за нов член на Судскиот совет претходно предизвика реакции во јавноста бидејќи е сопруга на градоначалник од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Во таа насока, Ристова рече дека повеќе од 30 години работи во правосудството и не остава простор за политички влијанија во работата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Единствено освежување денес во воздухот во Македонија е фактот што СДС од опозиција отвори очи и виде дека не сработеле ништо за животната средина
СДС вети, дека ќе обезбеди чист воздух во македонските градови. Имаа апсолутна власт, претседател, влада и градоначалници и успеаа да не сработат ништо за животната средина и почистиот воздух, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Последиците од нивната неработа, ги гледаме денес. СДС донесе некаква листа на желби, наречена план, но заборави да сработи нешто и планот остана нереализиран. И додека, по медиуми зборуваа за колку сакаат чист воздух, СДС не заборавија на првата седница на нивната влада, да ги намалат давачките за петрол кокс, па фирмите на Заеви, да можат да остваруваат екстра профит, на штета на загадениот воздух и здравјето на луѓето. СДС го направи горивото за Заеви поевтино, за сметка на тоа, сега Струмица е најзагаден град во Македонија? Дали вредеше да му го зголемиме профитот на Заев, за сметка на здравјето на струмичани? Во 8 години власт, СДС не сакаше да го донесе Законот за индустриски емисии. Зборуваа за разни бајки, ни објаснуваа што се не знаат или што се не можат, но прст не мрднаа во насока на контрола на загадувачите. Тоа не е само забелешка во сите ЕУ извештаи, тоа е обврска кон нашите деца. Зарем треба да се потсетиме дека СДС направи се што беше во нивни раце да го распарчи и уништи системот за централно греење во Скопје“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат:
„После 8 години власт на СДС, испораката на природен гас низ Македонија, не мрдна ни милиметар. Природен гас не донесоа низ цевка ни во Велес, ни во Тетово, ни во Прилеп, ни во Битола, ни во Неготино. Преку Фондот за иновации СДС испра милионски суми, кои требаше да придонесат за почист воздух. Дали некој во СДС, следи што придонеле средствата кои ги даваа на свои блиски од Фондот за иновации поврзани со повикот за почист воздух? Колку е почист воздухот заради тие милиони евра? Зборуваа за зелени површини, а го укинаа проектот Засади ја својата иднина со кој се засадија милиони дрвца. Го запуштија системот за брза реакција на пожари, ги покрадоа Македонски шуми. Програмата на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери за справување со проблемот на загадениот воздух се преточува во акција. Дефинирани се мерки и акции, дефинирани се надлежни институции и рокови. Загадениот воздух не е проблем што може да се реши за едно попладне, еден месец или една сезона. Загадениот воздух не е проблем што може да го реши еден човек или една институција. Оваа Влада посветено работи да го заврши својот дел од работата. Борбата со загадениот воздух бара вклучување на сите чинители, државните институции, индустријата и граѓаните. Планската програма за почист воздух се вградува во планот за работа на секој државна институција. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја започна борбата со овој горлив проблем кој што го наследивме од СДС и кој ги убива нашите најблиски. Ги повикуваме сите чинители, да го дадат својот придонес за почист воздух. Секој од својот двор, од својот ауспух, од својот оџак да започне со грижата за сопственото здравје и здравјето на своите комшии. Заедно низ тешка и посветена работа ќе стигнеме до почист воздух, позелена Македонија и здрави деца. Граѓаните на Македонија не ги зачувува фактот дека вест на денот за СДС е што во опозиција видоа дека како власт не работеле ништо корисно“.