Македонија
„Наместо да прават театар со пречек на обрасци, СДС и ДУИ да покажат доблест и да гласаат за продолжување на важноста на пасошите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„СДС се единствената партија која е горда и се фали со хаосот кој самата го направила. Само тие може да глумат дека се во ред, во ситуација кога над 600.000 граѓани се како во домашен притвор и не може да излезат надвор од државата, а уште стотици илјади не може да влезат и загрозен им е престојот во странство“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„И наместо како виновни за овој проблем СДС и ДУИ да земат и да им излезат во пресрет на граѓаните, тие од целата ситуација дополнително прават театар.
Па така, откако од нив видовме како играат чочеци во тунел кој друг го изградил, а потоа видовме и свечен пречек на пакет вакцини со цел владин врв, сега гледаме пречек на обрасци за пасоши. Без срам и перде СДС и ДУИ го испратија Бојмацалиев да прави помпа од пречек на обрасци кои требаше да ги има месеци порано и се далеку од потребната бројка.
Фактите се дека, проблемот го создадоа СДС и ДУИ. Токму и тие беа оние кои на граѓаните им издаваа патни исправи чија важност знаеја дека ќе истече пред времето на кое се издадени и ставаа во заблуда граѓаните.
Понатаму токму власта на СДС и ДУИ ги лажеше граѓаните дека навремено ќе може да извадат документи иако знаеја дека тоа е невозможно и за истото беа предупредувани од ВМРО-ДПМНЕ уште пред една година, а да не заборавиме ги лажеа и дека нема да подлежат на дополнителни трошоци.
Воедно, власта на СДС и ДУИ и тогашниот министер Спасовски чиј шеф на кабинет беше Бојмацалиев, намерно создале дополнителен хаос со тоа што набавка од 400.000 пасоши неколкукратно ја намалиле на десетици илјади на само два месеци пред пасошите да престанат да важат според датумот кој тие го определија.
На граѓаните заради неодговорната власт на СДС и ДУИ им е ускратено човеково право на слобода на движење, а СДС и ДУИ имаат шанса конечно во 7 години да соберат доблест и да им помогнат на сопствените граѓани.
Се што треба е да гласат за измена на законот со цел продолжување важноста на пасошите и со тоа да се ублажи проблемот кои самите го предизвикаа.
Никогаш не било полошо. Затоа важно е да ги поразиме“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првиот човек на НАТО доаѓа во посета на Македонија, Сиљановска-Давкова ќе го пречека со највисоки државни и воени почести
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета.
Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Во рамки на програмата, предвидена е и заедничка прес-конференција со претседателката Давкова.
Ова е прва посета на Руте на земјата, откако ја извршува функцијата прв човек на Алијансата.
Фото: Depositphotos
Македонија
Ахмети со поддршка на САД: Нападите и дестабилизирачките акти на Иран не служат никому
Во овие времиња на предизвици за меѓународниот поредок и безбедност, нашата позиција е јасна и непоколеблива: целосна солидарност со Соединетите Американски Држави и со секој напор за заштита на глобалниот мир, стабилност и безбедност, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со последните случувања на Блискиот Исток.
„Алијансата со САД не е само дипломатска ориентација. Тоа е стратешка и вредносно заснована определба. Наш избор е да бидеме на страната на демократијата, основните слободи, владеењето на правото и меѓународната одговорност. Нашата земја, а особено албанскиот народ, добро знаат што значи американската поддршка во одлучувачки моменти од нашата историја, поради што дури и денес стоиме покрај нашиот најголем стратешки партнер. Нападите и дестабилизирачките акти на Иран што ја поткопуваат безбедноста на земјите од Заливот и ја загрозуваат кревката архитектура на мирот на Блискиот Исток не служат никому. Тие не служат на развојот, не служат на коегзистенцијата, ниту на легитимните аспирации на народите за просперитет“, вели Ахмети.
Тој додава дека секој режим што избира конфронтација наместо соработка и извезува кризи наместо дијалог се става во спротивност со духот на нашето време.
„Веруваме дека безбедноста во Персискиот Залив и Блискиот Исток е глобален интерес. Слободата на движење, енергетската стабилност, борбата против тероризмот и заштитата на меѓународниот поредок се споделени одговорности. Во овој контекст, улогата на Соединетите Американски Држави останува незаменлива како гарант на рамнотежата и фактор на стабилност. Албанците недвосмислено го избраа западниот пат. Ние сме дел од сојуз на вредности, дел од евроатлантската заедница и активни придонесувачи за колективниот мир и безбедност. Нашата поддршка за Соединетите Американски Држави е поддршка за побезбеден, поправеден и послободен свет“, вели Ахмети.
Македонија
Мицкоски во разговор со претседателот на ОАЕ: Нашите институции се целосно мобилизирани за навремена помош на македонските државјани
Институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно, рекол премиерот, Христијан Мицкоски, во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Тој изразил искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите.
„Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност. Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување на понатамошна ескалација. Во разговорот ја нагласив и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани кои се наоѓаат во регионот. Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно“, вели Мицкоски.
Тој додава дека Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста.

