Македонија
Наместо пресуда, повторно судење на Мијалков за „Тортура“
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и шестемина поранешни припадници на полициската единица „Алфа“, денеска требаше да ја слушнат пресудата за случајот „Тортура“, но наместо пресуда, судијката истакна дека е неопходно предметот повторно да се преотвори.
„Едногласно одлучивме дека е неопходно и целисходно постапката да се преотвори“, истакна судијката Александра Ристовска.
Таа додаде дека во целост не е јасно кој од обвинетите какво дело презел и со колкав интензитет и обем го презел поради што цени дека неопходно е повторно отворање на постапката и закажа расправа за 8 јули.
„Во моментот постои фактичка пречка за донесување мериторна одлука од Судскиот совет. Советот смета дека е целисходно и неопходно да се реотвори главната расправа заради разјаснување на овие факти. Расправањето за овие прашања ќе биде во најкус временски интервал. Главната расправа е закажана за 8 јули. Наредното рочиште е на 14 јули во 10 часот“, рече судијката.
Мијалков и шестмина припадници на поранешната единица „Алфа“ беа обвинети за мачење и тортура при апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по парламентарните избори.
Денешната пресуда требаше да е четврта по ред за Мијалков. Тој е осуден за случајот „Таргет-Тврдина“ на 12 години затвор, а за „Трезор“ е осуден на осум години затвор.
Мијалков во 2019 година беше осуден на три години затвор и во случајот „Титаник 2“ за изборни нерегуларности, но Апелација го врати судењето на почеток поради суштински повреди во постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во израелски напади во Газа убиени 17 лица, меѓу нив шест деца
Во израелски напади на северот и југот на Појасот Газа убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и шест деца, соопштија локалните болници, пренесе Би-Би-Си.
Израелската војска наведува дека нападите уследиле откако, според нив, „терористи отвориле оган и тешко раниле еден војник“ на северот на Појасот Газа, во близина на таканаречената Жолта линија, која според договорот за прекин на огнот со Хамас означува територија под контрола на Израел. Како одговор, биле изведени прецизни удари од копнени и воздушни сили, поради, како што наведуваат, „очигледно кршење“ на примирјето.
Болницата Ал-Шифа во Газа соопшти дека примила тела на 13 лица, меѓу кои пет деца, по напади врз шатори и домови во источните квартови Зеитун и Туфа. Во болницата Насер во Хан Јунис биле донесени тела на уште четири жртви, меѓу кои и едно дете.
Од стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, Израел и Хамас речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, наведува дека од тогаш во израелска ватра загинале најмалку 529 луѓе, додека Израел соопштува дека во палестински напади загинале четворица нивни војници.
Македонија
СДСМ му оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден.
Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“.
Македонија
Мицкоски: Очекувам раководството на ССМ да излезе од партиската прегратка и да се договори со Владата во интерес на административците
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува неколкумина од раководството на Сојузот на синдикати да излезат од, како што рече, партиската прегратка и да постигнат договор со Владата во интерес на работниците, односно на административните службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната средба со УПОЗ и очекувањата, Мицкоски нагласи дека дел од вработените во јавната администрација сè уште немаат договорен Колективен договор со Владата.
„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700–7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат“, изјави премиерот.
Тој додаде дека со ваквиот договор Владата, како работодавач, ќе ги заокружи односите со сите вработени до истекот на мандатот.
„Со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии работодавач директен или индиректен е Владата“, рече Мицкоски.

