Македонија
„Наместо решение ДПМНЕ создава хаос со личните документи“, велат од СДСМ

„Со месеци ДПМНЕ на партиски прес конференции од белиот дворец тврдеа дека имаат решение и дека ќе го решеле проблемот со личните документи, пасошите и возачките дозволи. Сега, откако влегоа во техничката Влада и имаат министер за внатрешни работи, ДПМНЕ наместо решение создава хаос со личните документи и шири паника меѓу граѓаните“, соопшти СДСМ.
„Не треба да се казнуваат граѓаните кои ги немаат заменето возачките дозволи. Тие се за домашна употреба и законот дава можност за опомена.
Дополнително, наместо да го зголеми капацитетот за сликање и вадење пасоши, министерот од ДПМНЕ го укина вадењето пасош без закажување.
Тоа негативно влијае затоа што го намалува бројот на граѓани кои можат да се сликаат, а од друга страна драстично го пролонгира процесот.
Тоа значи дека граѓаните со месеци нема да можат да добијат нов пасош, а го доведува во прашање и законскиот рок за издавање пасош.
ДПМНЕ и тимот на министерот во МВР направија хаос и во одобрувањето на пасошите, наместо 15 дена сега граѓаните чекаат и повеќе од 20 дена а пасошот не им е готов.
ДПМНЕ едно зборува во опозиција, сосема друго прави кога е власт“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре променливо облачно време, попладне краткотраен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Во недела попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Во првите два дена од новата седмица на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за локално невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.
Македонија
Поднесена кривична пријава против ексдиректорката од Демир Хисар за криење службени печати

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешна директорка на средно училиште во Демир Хисар поради одземање или уништување службен печат или спис.
„Денеска, до ОЈО Битола е поднесена кривична пријава против М. Ј. (57) од Демир Хисар за сторено кривично дело одземање или уништување службен печат или спис по член 390 од КЗ“, соопшти МВР.
Од таму велат дека пријавената во периодот од 6.8.2025 до 13.8.2025 година противправно ги криела службените печати, сопственост на СОУ ‘Крсте Петков Мисирков’ од Демир Хисар, со што направила службените печати да бидат неупотребливи и со нив да не може да раководи новоименуваната директорка Ј. Д. (43), назначена за в.д. директор на СОУ ‘Крсте Петков Мисирков’ во Демир Хисар со одлука од страна на Општина Демир Хисар од 5.8.2025.
Пред неколку дена на социјалните мрежи беше објавено видео на кое началник од МВР без налог се обидува да ја приведе ексдиректорката и вели дека ако треба, и на носила ќе ја однесат во полициска станица. На видеото се гледаше и нејзниот син, кој кажува дека мајка му е на боледување и дека кога ќе ѝ заврши боледувањето, ќе се јави во полициска станица.
Началникот беше разрешен поради непрофесионално и неетично однесување.
Македонија
ДОМ: Поповска има нов политички дом – нашиот фокус е на иднината

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) сака да ја разјасни својата позиција во однос на повторените јавни поврзувања на Лилјана Поповска со нашата партија. Иако ја цениме нејзината досегашна улога во политичкиот живот, сметаме дека е важно да се направи јасна разлика меѓу минатото и сегашната насока на ДОМ, велат од партијата.
„Партијата денес се води од принципите на транспарентност, инклузивност и колективна одговорност преку модел со четворица копретседател(к)и. Овој систем ја поттикнува рамноправноста и спречува каква било концентрација на моќ, што претставува значаен исчекор од претходните модели на управување. Свесни сме дека Лилјана Поповска е ангажирана во нови иницијативи, како што е ‘Зелен хуман град’ и веруваме дека нејзиниот фокус треба да остане таму. Во таа насока, ДОМ охрабрува почитување на разните политички патеки и избегнување мешање, кое може да создаде недоразбирања или да ја наруши довербата на граѓан(к)ите“, се наведува во соопштението.
Од таму велат дека тие остануваат посветени на градењето зелена, инклузивна и европска Македонија преку „Коалицијата за зелена иднина“.