Македонија
Напредува системот за наводнување во Теарце – за два месеца поставени 30% од цевководот
Во рамките на кампањата „Поддршка за секој земјоделец“, денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со заменик-министерот Абдулшуќур Абедини, државниот секретар Реџаиљ Исмаили и директорот на Управата за водостопанство Исни Јакупи, денеска беа во посета на Полошкиот Регион.
Теренската агенда почна во општина Теарце, каде се изврши увид во градежните активности на новиот мал и современ систем за наводнување.
Системот е со поддршка од ИПА-програмата на Европската Унија, во рамките на проектот „Мали, нискотрошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување“, со вкупна вредност од 1.7 милиони евра, дизајниран да ја користи технологијата за наводнување „капка по капка“.
Главниот извор на вода е реката Бистрица, чии води ќе овозможат наводнување на околу 300 хектари земјоделско земјиште, кое го обработуваат околу 120 земјоделци.
Тие ќе имаат директен бенефит од овој проект. Градбата на системот е во почетна фаза, започна пред два месеца.
За овој краток период, поставени се цевки во должина од 6.391 метри ,што претставува околу 30% од вкупната должина на цевководи во проектот која изнесува 25,716 метри. До сега, активностите течат одлично и согласно динамиката на градба.
„Со реализацијата на овој систем за наводнување, 120 семејства кои одгледуваат различни земјоделски култури ќе добијат модерен систем за наводнување капка по капка, кој е високоеколошки бидејќи водата се користи рационално. Нема загуби на вода, а растенијата имаат континиурана стабилна влажнос,т што директно влијае на зголемени приноси, а со тоа и зголемен профит. А тоа е главната цел на секој земјоделец, да не се грижи дали ќе има вода за наводнување и да добие повисоки приноси за она во кое се вложува и работи целото семејство. Мене ми е многу драго што токму ние како министерство и оваа Влада, на 120 семејства овде во Теарце, ќе им помогнеме да решат долгогодишен проблем и да добијат модерен, економичен и еколошки систем за наводнување“, изјави министерот Николовски.
Теренската кампања продолжи во селото Нереште, општина Јегуновце, каде што министерот оствари средба со пчеларите Шпетим и Реџеп Селмани.
Тие се сериозни пчелари со над 150 сандаци за пчели и 450 килограми производство на мед годишно. Министерот ги информираше за сите мерки кои ги презема министерството во насока на развој на оваа сточарска гранка. Преку Програмата за директни плаќања околу 3 милиони евра годишно одвојуваме за пчеларите.
Преку ИПАРД-програмата и мерката 7 за диверзификација на фармите и развој на бизниси им помагаме на пчеларите со минимална инвестиција од 1.500 евра.
Во селото Јанчиште – општина Јегуновце, министерот Николовски се сретна со двајцата млади иноватори Филип Костадиноски и Горјан Спировски, кои креирале платформата за анализа на почва.
Нивната платформа е составена од уреди кои се инсталирани на земјоделски површини кои мерат критични параметри на почвата кои се важни во циклусот на одгледувањето на земјоделскитe култури.
Врз база на податочната анализа се испраќаат информации преку мобилна апликација за известувања за критични ситуации, како што се болести, потреба од наводнување, од ѓубрење и слично.
Како последна локација од денешната теренска агенда, министерот Николовски ја посети земјоделска задруга „Единство“
– Челопек, во општина Брвеница. Ова е една од најстарите задруги и во нивни рамки функционираат Свињарска фарма „Сувогорска“, фабрика за сточна храна „Нутричел“ и кланица со преработки „Мич Челопечко“.
Претставниците на задругата искажаа поддршка за активностите на министерството. Корисници се на многу мерки како и на ИПАРД-програмата.
Теренската кампања „Поддршка за секој земјоделец“ ќе продолжи и понатаму со директни средби со земјоделци од сите региони во државава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

