Македонија
Народен правобранител: Да се пријави секоја форма на притисок пред изборите
Народниот правобранител во пресрет на претседателските избори и предвремените избори за градоначалници на оштините Охрид, Дебар и Ново Село, ги потсетува граѓаните, за важноста на избирачкото право и начинот на остварувањето и заштитата на ова право, а воедено упатува апел до институциите и сите други за обврската и одговорноста од создавање на реални услови за овозможување, почитување и остварување на избирачкото право на граѓаните, како и правилата за фер и демократски избори.
Народниот правобранител ги охрабрува сите, веднаш и без двоумење да ја пријават секоја форма на притисок, прекршување на нивните права и на прописите, покрај останатото и на отворената бесплатна телефонска линија на Народниот правобранител 0800 54321, непосредно во канцеларијата во Скопје и во подрачните канцеларии низ Републиката.
Истовремено, Народниот правобранител укажува дека навремено и ефикасно ќе интервенира во сите случаи на пријавување на повреди на избирачкото право, а истото го очекува и од сите други надлежни органи.
Народниот правобранител, посебен апел упатува до сите што се на раководни позиции во институциите и до други лица во јавната администрација, да не се осмелат на каков било начин да вршат заплашување и притисоци врз вработените, и да се однесуваат одговорно. Во спротивно таквото однесување е недозволиво и подлежи на кривична одговорност. Во оваа насока, Народниот праворанител ги охрабрува сите вработените во админстрацијата и сите други лица, без двоумење и страв сознанијата за таквите дејствија треба да ги пријават до надлежните институции и до Народниот правобранител, кој без исклучок ќе ја гарантира тајноста на податоците.
Ова се однесува и за сите други работодавачи кои, меѓу другото, на денот на изборите на своите вработени треба да им определат работно време кое ќе им овозможи непречено остварување на правото на глас, без користење закани и други форми на условувања.
Во пресрет на кампањата, Народниот правобранител упатува апел до сите чинители во изборниот процес, па и до родителите за неопходната потреба да ги заштитат децата и да не ги инволвираат во политички и изборните кампањи, со цел почитување на принципот на најдобриот интерес на детето. Исто така, и медиумите, особено треба да водат сметка и да не прикажуваат снимки, спотови од кампањи и слично каде се вклучени деца, се со цел децата да бидат заштитени од политички и идеолошки манипулации.
Истовремено, Народниот правобранител потсетува дека медиумите имаат клучна улога во заштитата на избирачкото право. Оттука, од особена важност е начинот на кој тие ги пренесуваат информациите. Затоа потребно е објективно, избалансирано и доследно информирање, и придржување кон етичкиот кодекс за информирање.
Ако слободните избори со тајно гласање се столбот на демократијата, тогаш обврска на сите чинители во општеството е да обезбедат реални услови за слободни и фер избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

