Македонија
„На точак“ предлага задолжително велосипедско паркиралиште за секој нов објект
Намалување на широчината на коловозните ленти, задолжителен минимален број на паркирни места за велосипеди за различен тип објекти, задолжително велосипедско паркиралиште за секој новоизграден објект, утврдување на правила за поставување урбана опрема како канделабри, корпи за отпадоци, контејнери, воведување на категориите велосипедска улица и пат во законите, усогласување на правилници и закони… Ова се само дел од предлозите кои на 30 март неформалните групи „На точак – Скопје“ заедно со „На точак – Битола“, „На точак- Прилеп“, „На точак -Гостивар“ и „На точак – Штип“ ги испратија до Комората на инженери и архитекти, по нивниот повик до членовите инженери.
Комората, заедно со повеќе други институции е дел од интерресорското координативно тело формирано од страна на Владата за промена на планерската и градителската легислатива, со цел истата да се осовремени и да одговори на новите предизвици на времето, но и на уставните определби за хуманизација на просторот. Ова тело треба да ги земе предвид поднесените предлози и врз основа на нив да изготви текстови за измена на актите.
За овие предлози ќе се разговара на априлската „Критична маса“ во пет градови во Македонија, а ќе се одржи в среда во Скопје, Штип и Прилеп, в четврток во Битола и в недела во Гостивар. На ова издание на „Критична маса“ велосипедистите ќе возат под слоганот „Подобри закони за поубави градови. Поддршка за промените“.
Според иницијативата, поднесените предлози, составени согласно со светските препораки и искуства се во насока на значително зголемување на безбедноста во сообраќајот и кон подобрување на квалитетот на живот во градовите и општо, населените места. Поради тоа, овие пет неформални групи бараат нивното разгледување да биде сфатено сериозно и земено предвид при дефинирање на измените. Воедно, „На точак“ ги поканува сите велосипедисти да се приклучат на утрешното скопско издание на „Критична маса“, 72. по ред, со заедничко возење со почеток во 17:30 часот од плоштад „Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

