Македонија
Нацев: Обвинителството да ја истражи набавката на „шкоди“ без тендер
Фирмата „Де лукс ауто“ од Куманово ги добива тендерите од Општина Куманово за одржување и сервисирање на моторните возила на ЈП „Чистота и зеленило“. Оваа фирма само на 13 февруари 2017 година добила вкупно 7 седум тендери од ЈП „Чистота и зеленило“ во вредност од 6,5 милиони денари или вкупно 105 илјади евра за само еден ден. „Де лукс ауто“ е редовен учесник и добитник на голем број тендери во Оопштина Куманово, со која од осамостојувањето до денес управуваат кадри на СДСМ. Фирмата „Де лукс ауто“ е и редовен донатор на кампањите на СДСМ, изјави Александар Нацев пред Основно јавно обвинителство во Скопје.
Според него, по доаѓањето на Оливер Спасовски од Куманово во Скопје за министер за МВР, таа добива и милион евра за набавка на 40 „шкоди“. „Целата постапка се одвива нетранспарентно, без распишување тендерска постапка, со договор во четири очи. МВР на ‘Де лукс Ауто’ ѝ дале неверојатни 1 милион евра за набавка на 40 возила од марката ‘шкода октавија’, во услови кога основната верзија на ‘шкода октавија’ чини околу 15.000 евра. Веројатно доколку некој како поединец би купил 10 ‘шкоди’ одеднаш, и тоа во готово, би добил и поголем попуст. Доколку купи 40 ‘шкоди’ и за нив плати одеднаш, попустот со сигурност би бил поголем и целата набавка би чинела нешто под 500.000 евра“, изјави Нацев.
Тој укажува дека „Де лукс ауто“ е само дилер на возилата од марката „шкода“. „Дали не е чудно за Обвинителството зошто Спасовски наместо набавката да ја изврши преку генералниот застапник за возилата ‘шкода’ во Македонија, одлучува тоа да го направи преку ‘Де лукс ауто’, кој е локален дилер на автомобили од оваа марка. Дали ова не буди барем најмал сомнеж кај јавниот обвинител? Зошто не чувствуваат потреба да отворат сериозна истрага и да утврди како немало ‘шкоди’ кај генералниот застапник во државата, а имало кај локален дилер и како ‘шкодите’ кај локалниот дилер биле поевтини“, прашува Нацев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

