Македонија
Националниот план за вакцинација e подготвен, се чека да пристигнат вакцините
Владата на денешната редовна седница го разгледа и прифати националниот план за вакцинација против Ковид-19 во земјата и ги задолжи Министерството за здравство и другите надлежни институции да го имплементираат и да доставуваат редовни месечни извештаи за остварениот напредок.
Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази, во кои се опфатени повеќе категории граѓани.
Фазите, како што појаснуваат од Владата, ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација.
Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.
„За спроведување на вакцинацијата, ќе се користат постојната здравствена инфраструктура и стручниот кадар, кој досега ги спроведува вакцинациите во државата. Организацијата на системот ќе биде адаптирана во согласност со условите и во моментот кога ќе има поголем број вакцини, вакцинацијата ќе се спроведува во поширок опсег со можност за вклучување повеќе вакцинални тимови и отворање пунктови“, се вели во соопштението.
Националниот план, појаснуваат од Владата, опфаќа и безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови, каде што ќе се спроведува вакцинацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Инсталиран е новиот систем за компримиран воздух на комплексот клиники
Министерството за здравство информира дека во целост е завршена монтажата и инсталирањето на системот за компримиран воздух на комплексoт клиники „Мајка Тереза“-Скопје.
Монтирани и инсталирани се три компресори со потребната придружна опрема (резервоари, сепаратор, автоматски одвојувач на конденз електронски контролиран, циклонски сепаратор отстранување на влага и масло на излезен степен од компресор и друга опрема).
Исто така, извршена е замена и монтажа на бакарен цевен развод, приклучни места; разводни ормани за компримиран воздух за снабдување на оперативниот блок од 12 сали и 2 сали на Клиниката за пластична хирургија, согласно европската фармакопеја, изработена согласно европската директива 93/42/EEC.
Во тек е пробна работа на системот за компримиран воздух на комплекс клиники „Мајка Тереза“ -Скопје. По завршување на пробната работа, Министерството за здравство ќе одреди термин за целосен прекин на снабдувањето со компримиран воздух на сите клиники во болничкиот комплекс, за поврзување со останатите корисници.
По спроведување на овие активности, системот за компримиран воздух ќе биде ставен во целосна функција.
Македонија
Покрај унифицирани регистарски таблички, потребни се и санкции за оние кои ги злоупотребуваат службените возила за приватни цели, велат од ЛДП
Либерално-демократската партија (ЛДП), во август минатата година предложи сите службени возила да бидат видливо и јасно обележани со иста боја, како мерка за зголемување на транспарентноста и одговорното користење на јавните ресурси. Сведоци сме на разни злоупотреби на службените возила од страна на избраните државни и јавни функционери за приватни потреби во минатото, велат од ЛДП.
„Оттука ја поздравуваме одлучноста на Владата за прифаќање на нашиот предлог.
За ЛДП, овој чекор претставува позитивен пример за тоа како добрите предлози и идеи кои се во интерес на граѓаните и државата треба да бидат прифатени и имплементирани од сите релевантни чинители.
Воедно, упатуваме апел до сите надлежни институции за побрзо завршување на постапката за воведување на оваа мерка, која доколку се спроведе и успешно реализира, веруваме дека ќе доведе до значително намалување на злоупотребата и поголема совесност на оние функционери кои имаат право на користење на возилата, спречување на нивна злоупотреба за приватни цели, зголемена доверба на граѓаните, преку видливост и отчетност на јавните ресурси, усогласеност на институциите во однос на транспарентноста и рационализацијата“, соопшти ЛДП.
Македонија
Кичево загадено два дена по ред: се забранува горење на отворено, порепорака за ослободување од работа на ризичните групи
Воведени се мерки во Кичево поради загадувањето на воздухот, откако во изминатите два дена беше надминат прагот на алармирање на суспендирани честички од 150 mg /m3.
„Мерките вклучуваат интензивирање на вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола.
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати
Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци
Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила
Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата
Забрана на горење на отворено
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот
Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено“, информираа од Министерството за животна средина и просторно планирање.