Македонија
„Нашите права, нашата иднина, токму сега“ – 10 декември, Меѓународен ден на човековите права
По повод Меѓународниот ден на човековите права, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има за цел да го сврти вниманието на јавноста и одговорните институции кон состојбите во неформалните населби каде најчесто живеат Роми. Овој проблем претставува системска, расна и етничка дискриминација и е резултат на децениска негрижа за правата и потребите на најсиромашните граѓани кои живеат на маргините на нашето општество.
Се почести се претставките до Комисијата од страна на ромската заедница и ромските граѓански организации за нееднаков пристап до добра и услуги по основ на етничка и расна припадност, кои се однесуваат на условите во неформалните населби.
„Условите во кои живеат Ромите се мошне лоши, често под нивото на прокламираните стандарди на соодветно домување. Се работи за долгорочно населени населби со нејасен сопственички статус, надвор од урбаното планирање кои немаат основна инфраструктура, а услугите на државниот систем се тешко достапни.Голем е процентот на Ромите кои немаат документи за сопственост на нивното живеалиште. Најголем број (95%), од нив живеат во градовите, но побројно се концентрирани во посиромашните реони (гета) или во субурбани области“, велат од Комисијата.
Се додава дека тоа се слабо развиени населби со лошо изградени куќи, без пристап до вода, канализациона мрежа, асфалтирани патишта, електрична енергија и други основни комунални услуги достапни во современиот свет. Сето тоа придонесува, како што се наведува, придонесува за нееднаква стартна основа и животни можности во споредба со другите граѓани кои живеат во развиено соседство, населба, област или град. Како резултат на лошите услови во домувањето се појавуваат и низа други социјални проблеми, како социјална исклученост, недоволно вклучување на децата во образованието, потешкотии во пристапот до работа, здравство, социјлани права и други јавни услуги.
Лошите услови за домување се и прашање на детски права и прашање на родова еднаквост. Жените и децата од овие населби се соочуваат со системска дискриминација која оневозможува еднакви можности и еманципација.
И покрај досегашните напори на државата како и домашните и меѓународните организации, состојбата со домувањето на Ромите во РСМ е сеуште загрижувачка.
Проблемите во Момин поток, Штипскиот диспанзер, Кочанска стара касарна се само дел од проблемите кои со години се актуелни и за кои за жал има само декларативни заложби.
Ако домување е универзално човеково право кое е признато на меѓународно ниво во над сто национални устави во светот, суштината на остварувањето на правото е хуманистичкото сознание дека човечкиот живот е повеќе од гола егзистенција, односно дека подразбира и соодветно домување кое задоволува одредени стандарди. Право на секој поединец е безбеден дом и заедница, како дел од предусловите за мирен и достоинствен живот. Домувањето е предуслов за остварување на сите останати права.
Прашањата за домувањето освен на централно ниво е дел од надлежностите на многу институции на локално ниво. Според надлежностите и одговорностите на единицата на локалната самоуправа, општината е директно одговорна за локалниот економски и урбанистички развој на општината.
Проблемите со домувањето кај ромската заедница се утврдени и во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација преку повеќе претставки поднесени од домашни и меѓународни организации. Донесени се повеќе мислења за утврдена дискриминација од страна на неколку Општини и институции, а донесена е и една општа препорака.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како тело за еднаквост ќе продолжи да ги заштитува правата на маргинализираните групи согласно предвидените законски основи меѓу кои и етничката и националната припадност, силно охрабрувајќи ги граѓаните да бараат почитување и реализација на нивните човекови права.
Унапредувањето на состојбите во неформалните населби бара сериозен ангажман, инвестиции и меѓуинституционална соработка. Бараме надлежните институции да постапуваат согласно препораките на Комисијата, да донесат и спроведуваат планови за унапредување на состојбите во неформалните населби, најнапред преку обезбедување на основни услови како вода, канализациона мрежа, струја, урабанизација на населбите како и програми за социјално вклучување на луѓето од овие населби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

