Македонија
Најмногу активни жаришта има во Македонски Брод, под контрола се пет пожари
Вкупно 16 пожари на отворен простор се евидентирани до 12 часот, покажуваат податоците од Центарот за управување со кризи. Од нив, осум се активни, пет се ставени под контрола, а три се целосно изгаснати.
Најмногу активни жаришта има во општина Македонски Брод, каде што се водат битки со три пожари: во близина на селата Црешнево и Локвица, во атарот меѓу селата Рамне и Ковче, и во селото Слатина. Пожарите зафатија дабови и мешани шуми, како и ниска вегетација, а еден од нив се проширил од индустриски објект (фабриката „Самоков“).
Активни пожари има и во: Чучер-Сандево, меѓу селата Блаце и Горњани (Рамна Шума), Прилеп, кај селото Бешиште, Чашка, под Солунска Глава (само чад, но сè уште под надзор), Дојран, кај селото Николиќ, Крива Паланка, во атарот на селото Градец.
Пет пожари се ставени под контрола, меѓу кои во Ѓорче Петров кај селото Орман, Гази Баба, во близина на Смилковското Езеро, Шуто Оризари на градската депонија, во Кочани кај Јастебник и Полаки, и во Делчево на депонијата „Острец“.
Целосно изгаснати се пожарите во: Делчево (местото наречено Брежјето), Желино, меѓу селата Ларце и Горна Лешница, и во Куманово, во населбата Средорек.
Надлежните апелираат на зголемена внимателност и соработка со службите, особено во подрачјата на кои пожарите се сè уште активни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

