Македонија
На безгрижните денови на Груевски можеби им се ближи крајот, пишува „Репортинг Демокраси“
Политичката клима во Унгарија би можела да стане неповолна за Никола Груевски по изборот на Петер Марки-Зај за лидер на здружената опозиција, кој се смета дека има најдобра шанса да го порази долгогодишниот актуелен унгарски премиер, Виктор Орбан на следните избори, се наведува во анализа објавена на „Репортинг Демокраси“.
Марки-Зај неодамна најави дека ќе ги екстрадира, како што рече, криминалните мигранти кои ФИДЕС (партијата на Орбан) ги донесе во земјата, меѓу кои и експремиерот Никола Груевски. Сепак, за да му биде укинат статусот на Груевски како азилант и за негова екстрадиција ќе треба повеќе од политичка волја и тој процес би бил многу комплициран и долг, се наведува во текстот.
„Во демократска држава базирана на владеењето на правото, ниту една влада, ниту еден премиер, немаат право некому да му го одземат статусот на бегалец“, вели Андрас Ледерер, претставник на унгарскиот Хелсиншки комитет, задолжен за мониторинг на човековите права.
Според авторите на анализата, и покрај тоа, постојат правни начини да му се укине статусот на азилант на Груевски, бидејќи Националниот генерален директорат за управување со странци на Унгарија, на секои три години ги проверува бегалските статуси. Станува збор за процедура во која подносителот мора да докаже дека сè уште постојат причините поради кои му е одобрен азилот. Властите понатаму може да одлучат дали ќе го продолжат азилот или ќе го укинат. Дури и ако азилантскиот статус на Груевски во Унгарија биде укинат, тој би можел да поднесе жалба на одлуката до унгарски суд, се додава во анализата.
Суд во Унгарија во 2019 година веќе одби барање од Северна Македонија за екстрадиција на Груевски, тврдејќи дека „лице препознаено како бегалец не може да биде екстрадирано во државата од која побегнало“.
Груевски стигна во Унгарија во 2018 година за да избегне отслужување на двегодишна затворска казна, по што уште истиот месец доби азил по итна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.
Македонија
Сè помалубројни, постари и понеисправни автобуси во кои се возат сè помалку патници, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Нивното истражување покажува дека:
– Само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП Скопје е намален за 30 милиони годишно – во 2015 година се возеле по 52 милиони патници годишно, а сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.
– ЈСП располага со вкупно 341 автобус, од кои дневно се исправни 185 автобуси, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно.
– Бројот на автобуси на ЈСП Скопје континуирано се намалува во последните десет години. Пред десет години претпријатието имало 316 исправни автобуси, а денеска само 185.
– Со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години, највисока во последните десет години.
– Доминантен дел од автобусите, односно повеќе од 80 % се од кинеските „Јутонг“ и од украинските „ЛАЗ“. ЈСП има и десет автобуси од марката Санос, стари по 33 години.
– Само 10 % од автобусите на ЈСП имаат највисок еколошки стандард Еуро 6, додека другите се со еколошки стандард Еуро 4 и Еуро 5.

