Македонија
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања

Од 23 октомври ќе започне реконструкција на постоечката наплатна станица Желино, на државен пат А2 – делница Скопје – Тетово. Сообраќајот на автопатот ќе се одвива согласно одобрен времен режим на сообраќај, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Надзорната расправа во Собранието обединети експерти, активисти и политичките чинители, голем чекор во борбата за чист воздух, велат од Левица

„Вчера во Собранието на Република Македонија се одржа значајна Надзорна расправа посветена на аерозагадувањето, со учество на граѓански организации, експерти и некои претставници на институциите, на иницијатива на Левица. Оваа расправа беше важен чекор кон барање на соодветни решенија за еден од најголемите еколошки проблеми во земјата“, велат од партијата Левица.
„Свои излагања имаа активисти од „Еко свест“, „Грин Пауер“ и „О2 Иницијатива“, како и правници кои укажаа на недостатокот од стратешки документи за справување со загадувањето. Присутните нагласија дека постои сериозен институционален јаз, односно дека обвинителството и судовите слабо постапуваат во случаи на еколошки криминал, а политичката одговорност за оваа состојба речиси и да не постои.
Еден од клучните проблеми што беа посочени е неконтролираниот увоз и користење на загадувачки горива, за што институциите немаат доволно капацитет за надзор. Во таа насока, беше нагласена итната потреба од донесување Закон за контрола на индустриските емисии и Протокол за контрола на горивата, како суштински алатки за подобрување на квалитетот на воздухот.
Иако беа поканети, клучните владини претставници, меѓу кои и премиерот и министерот за животна средина, не присуствуваа на расправата, што остава впечаток на игнорирање на проблемот. Со ова се потврди неспособноста, незаинтересираноста и сервилноста на владејачките елити пред крупниот капитал. Додека народот се гуши во загаден воздух, клучните носители на власт – премиерот Мицкоски, министерот Меџити и неговата заменичка Лашоска – не најдоа за потребно ни да се појават. Сепак, расправата заврши со конкретни препораки што ќе бидат преточени во заклучоци кои институциите би требале да ги спроведат.
Овој настан ја покажува силата на граѓанскиот притисок и експертската аргументација во процесот на креирање на подобри еколошки политики кога во законодавниот дом има слух од политичките чинители. Борбата за чист воздух продолжува, со надеж дека институциите конечно ќе преземат конкретни мерки за заштита на здравјето на граѓаните“, соопшти Левица.
Македонија
„Бетон и корупција го гушат Чаир, кој ќе сноси одговорност“, прашува ДУИ

„Наместо да ја префрла вината и да измислува оправдувања за своите неуспеси, градоначалникот на Општина Чаир треба да им даде одговори на граѓаните за урбаниот хаос и неконтролираното бетонирање што го уништува овој град. Нема воздух, нема простор за деца, нема место за движење, нема осветлување. Има само бетон и корупција“, велат од ДУИ.
„Секој агол на оваа општина е претворен во приватен пазар каде градежните дозволи не се издаваат за развој, туку за лични профити на мала група луѓе.
Ова е вистинското лице на лошото владеење што го уништува Чаир и секојдневниот живот на неговите жители.
Наместо да ги заштити граѓаните, општината ги тргува нивните интереси. Наместо да донесе паметни инвестиции и проекти што го подобруваат животот, таа дозволи масивни дивоградби што ја уништуваат оваа општина.
А денес, кога граѓаните бараат отчет, градоначалникот на општината се обидува да најде имагинарни непријатели за да ја скрие својата неспособност и корупција.
Кој ги гради овие монструозни згради без дозволи, без паркинг места, без минимална инфраструктура?
Кој го бетонира секој агол од Чаир, правејќи го градот неподнослив за неговите жители?
Кој носи одлуки во темница, претворајќи ги улиците и јавните простори во приватни имоти?
Оваа неспособна и корумпирана администрација го дозволи овој урбан масакр, фаворизирајќи мала група олигарси додека граѓаните ги трпат последиците на овој хаос.
Овие одлуки ги донесе токму оваа администрација, ова корумпирано владеење што ја гледа општината како отворен пазар за лични профити.
Чаир е во криза и граѓаните веќе не можат да ја поднесат оваа реалност.
Наместо зеленило, тие дишат прашина. Наместо средени улици, тие чекорат низ хаос.
Наместо жива општина, тие гледаат немилосрдно бетонирање што ги исклучува од сопствениот град.
Доста со оправдувања. Доста со лаги. Градоначалникот на Општина Чаир мора да даде отчет за оваа урбана катастрофа. Не може да продолжи да се крие зад празна реторика додека градот пропаѓа под тежината на корупцијата.
ДУИ ќе продолжи да го брани Чаир од оние што сакаат да го претворат во град без живот, без план, без иднина. Времето на молкот заврши. Сега е време за одговорност!“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди

Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со услови за појава на утринска магла по котлините. Локални врнежи од дожд ќе има од четврток, а поради продор на постудена воздушна маса од север во недела на планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег.